сабота, 27 јули 2024
Анализа на економските програми на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ

ФТ: Во следните четири години невозможен е економски раст поголем од четири отсто

Програмата на СДСМ проектира просечен раст на бруто домашниот производ (БДП) за периодот 2024-2028 година од 5.1 отсто, додека програмата на ВМРО-ДПМНЕ постепено забрзување на моменталниот раст до 5 отсто во 2028 година, што дава просечен раст за целиот период од 4 отсто. Но Фајнес тинк (ФТ) проценува дека просечен раст поголем од 4 отсто за претстојниот период е невозможен, е ставот на оваа невладина организација која во пресрет на парламентарните избори ги анализираше програмите на овие деве партии од аспект на економската политика. ФТ ги анализираше програмите и во делот на политиките за вработување, исплата на плати, пензии, социјална помош како и делот на инвестиции и наплата на даноци.

Објавено на

часот

Сподели

Сепак, двете политички програми се прилично воедначени во делот на изворите на растот, потенцирајќи ја амбицијата за поголема додадена вредност, поголема продуктивност и конкурентност на економијата, кои ќе се постинат преку поголеми инвестиции во човечкиот капитал, поддршка на извозот и јакнењето на извозните капацитети, поддршка на системот на иновации и претприемништво.

„Сепак, за искористување на овие фактори на економскиот раст, потребно е да бидат земени предвид слабостите на системот, подреализацијата на клучни стратегии и стагнацијата кај клучни реформи во изминатиот период, како, на пример, недоволноста на образовните реформи, отсуството на транзиција на работната сила од системот на социјална заштита кон пазарот на труд, произволниот систем на државна помош, компромитациите во системот за поддршка на иновациите и слично“, сметаат од Фајненс тинк (ФТ).

Двете програми, нагласуваат од ФТ, ги акцентираат домашните и странските инвестиции, но програмата на ВМРО-ДПМНЕ повеќе го нагласува фокусот врз привлекувањето странски инвестиции, иако тоа го прави и програмата на СДСМ преку концептот на привлекување странски инвестиции кои поради геополитчките фрагментации се селат поблиску до своите фирми-мајки.

„Тоа е целосно во линија со нашата препораката, меѓутоа оценуваме дека моментумот за ‘ниар шоринг’, кој го предвидува СДСМ сега е намален. Дополнителен ризик кој е значајно потценет од двете програми е хроничниот недостиг од квалификувана работна сила, ограничениот потенцијал на домашните компании за извоз и станување дел од синџирите на добавување на странските компании“, велат од ФТ.

Според оваа организација, двете политички програми предвидуваат поголем функционален ангажман на институциите за поддршка за вклучувањето на домашните компании во синџирите на снабдување на странските компании кои оперираат во слободните зони.

„Севкупно земено, впечатокот од анализата на двете политички програми во поглед на моделот за економски раст е дека ВМРО-ДПМНЕ скоро исклучиво се потпира на концептот на создавање нова додадена вредност во економијата, додека за СДСМ покрај создавањето нова вредност, и понатаму важна останува редистрибуцијата на веќе-создадениот доход“, велат од ФТ.

Што се однесува до вработеноста, анализирале од ФТ, двете политички програми предвидуваат намалување на невработеноста до 7 отсто (СДСМ) односно 7.5 отсто (ВМРО-ДПМНЕ) до 2028 година.

„Тоа е еднакво на креирање дополнителни околу 50.000 работни места во економијата, што е сосем реалистично за следниот четиригодишен период. Сепак укажуваме дека за остварување на оваа цел неопходно е соодветно управување со контингентот на невработени лица во земјава, во смисла на потребата за нивна доквалификација, преквалификација, оневозможување потпирање врз системот на социјална помош неограничено долго (односно осигурување фазно излегување од системот за социјална помош на работоспособно население) и оневозможување остварување доходи во сивата економија. Дополнително, остварувањето на оваа цел е можно само во услови на контролирано потпирање врз странски работници, главно преку програма за увезување работници во сектори за кои работници не може да се обезбедат преку домашниот контингент на расположлива работна сила. Во контекст на вработеноста, ветувањето на СДСМ за намалување на работното време од 8 на 7 часа е целосно неконзистентно со ветувањето за повисок раст и поголема продуктивност, кои може да се постигнат само со поголем напор и вложување, односно со повеќе работа и работни часови“, сметаат од ФТ.

Во контекст на инвестициите, програмата на ВМРО-ДПМНЕ предвидува капитални инвестиции на државата од 3 милијарди евра за целиот мандат, додека програмата на СДСМ 3.5 милијарди евра. Според Фајненс тинк ова мора да се набљудува во контекст на капацитетот на државата за реализација на капитални инвестиции, којшто се движи околу 500 милиони евра годишно.

„Без отстранување на системските слабости за планирање, приоритизација, технички капацитети за тендерирање и имплементација од страна на институциите, овие ветувања се тешко изводливи“, велат од ФТ.

Што се однесува до наплата на даноци, СДСМ предвидува воведување данок на луксуз за што не се дадени поконкретни контури, како и разгледување модел за прогресивно оданочување на доходот. Дополнително, СДСМ предвидува данок на доход од нула проценти на минималната плата. Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ изнесува став за задржување на сегашните даночни стапки и подигнување на прагот за регистрација за ДДВ обврзник на 3 милиони денари. Програмата на ВМРО-ДПМНЕ го поместува фокусот врз борбата со сивата економија, како неопходен услов на среден рок да се дојде до поголема даночна база и поголеми даночни приходи, економска политика со која ФТ целосно се согласува.

Во поглед на субвенциите, двете политички програми навестуваат генерално придржување кон моменталните модели на субвенции. Во својата анализа, ФТ се осврнува на две групи субвенции, за земјоделци и за домашни фирми, бидејќи тие се најголемите давања државна помош. Анализирајќи ги земјоделските субвенции, ФТ смета дека ветувањата на СДСМ за субвенции од 215 милиони евра и 180 милиони евра кои ги ветува ВМРО-ДПМНЕ, се износи кои се значајно над моменталните остварувања од околу 130 милиони евра.

„Дури и износите да се зголемат на предвидените нивоа, поважниот аспект на земјоделските субвенции со кој политичките програми не се занимаваат или се занимаваат маргинално е потребата што побрзо да се напушти моделот на распределба на субвенциите по принцип на инпути (единица површина или грло добиток) и да се премине на принцип на аутпути (квалитет на производството, односно обем на производство по единица површина). Двете програми предвидуваат поддршка на технолошкиот напредок и иновациите во земјоделството, преку понатамошно искористување на програмата ИПАРД“, велат од ФТ.

Во однос на поддршката со државна помош на компаниите, двете програми поголем акцент ставаат на поддршката на домашните компании преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите. Според ФТ, неопходен е целосен ремонт на овој закон, бидејќи државната помош според него се доделува по направена инвестиција од страна на компаниите, па согледаните ефекти се од инвестицијата а не од државната помош. Оттука, дадената државна помош не делува како поттик за инвестирање, туку обезбедува дополнителна и, најчесто, слободна готовина за фирмите.

Што се однесува до растот на платите и ветувањето на СДСМ дека просечна плата за четири години ќе биде 1,100 евра и минимална плата од 600 евра во 2028 година, за ФТ не е реално, а ставот на ВМРО-ДПМНЕ дека платите во јавниот сектор ќе растат со растот на економијата, ФТ го оценува како стабилен и конзистентен со принципите на пазарната економија.

Што се однесува до растот на пензиите, ФТ останува на ставот дека раст на пензиите кој отстапува од формулата за нивно усогласување со растот на просечната плата и растот на цените, ќе ја наруши патеката на стабилизација на Фондот за ПИОМ, којшто помина низ блага реформа во 2018 година која ја овозможи таа стабилизација. Инаку, програмата на СДСМ предвидува раст на просечната пензија до 30.000 денари до 2028 година, а на минималната пензија до 20.000 денари. Програмата на ВМРО-ДПМНЕ пак, предвидува по 5.000 денари за секој пензионер најдоцна до крајот од првата година од нејзината власт.

Анализирајќи ги програмите во делот на исплата на социјална помош, од ФТ велат дека иако програмата на СДСМ дава фокус и врз редистрибуцијата на доходот, сепак и во двете политички програми социјалната помош е надвор од фокусот.

„Програмата на СДСМ се фокусира врз подобрување на системот на активација на примателите на социјална помош и на јакнење на социјалните услуги, што е соодветен став и е во линија со нашите наоди од Студија за политиките на социјалните услуги во општините во Северна Македонија. Додека, во програмата на ВМРО-ДПМНЕ е наведено дека социјалната помош ќе се зголемува но не се дадени детали како и во колкав износ, што го земаме за индикација дека таа ќе се усогласува според постојните механизми за усогласување. Последново е соодветен став кон социјалната помош, иако одредени прилагодувања, како на пример, двократното усогласување со растот на цените, или одредени интервенции во делот на помоштите за деца, може да обезбедат подобри исходи за животниот стандард“, велат од Фајненс тинк.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ