четврток, 20 март 2025

Фрлена димна бомба во српскиот парламент, општа тепачка, се гаѓале со јајца, шишиња (ВИДЕО)

Пратениците на српската опозиција денеска фрлија димни бомби во парламентот, протестирајќи против владините политики и изразувајќи поддршка за студентите кои протестираат со месеци, при директен пренос на државната телевизија.

Фото: принтскрин

Објавено на

часот

Сподели

Пролетната седница на српскиот парламент почна денеска. Почетокот на седницата беше одбележан со хаос во салата, со фрлање димни бомби, а според дел од српските медиуми дошло и до тепачка меѓу пратениците.

Пратениците од опозицијата развиле и транспарент на кој пишувало „Србија се крева за режимот да падне“, држејќи српско знаме. Собраниската сала била исполнета со чад, а за време на инцидентот низ просторијата летале и јајца.

Сè започнало кога пратениците од опозицијата развиле транспарент со натпис „Србија се крева за режимот да падне“. Претставниците на владејачкото мнозинство ѝ одговориле на опозицијата со извици „усташи“ и вееле српски знамиња. Дошло до гаѓање со шишиња со вода, при што еден пратеник бил погоден во главата. Салата била полна со чад.

„Ќе победат работата и борбата. Добро е што ги покажавте вашите вистински лица. Сакате да дојдете на власт со солзавец“, рече претседателката на собранието Ана Брнабиќ, додавајќи дека пратеничката на СНС Јасмина Обрадовиќ била погодена во главата и била пренесена со возило на брза помош. Брнабиќ ја обвини опозицијата, нарекувајќи ги „миленичињата на Албин Курти“.

„Можете само да нè убиете ако сакате да нè спречите да работиме“, рече таа, обраќајќи ѝ се на опозицијата. „Можевте да ги однесете јајцата на некое семејство наместо да ги фрлате во беспомошност и ароганција“, додаде таа. „Пратеничката Јасмина Обрадовиќ доживеа мозочен удар и е во критична состојба. Таа се бори за живот откако фрливте на неа шок бомба“, тврди Брнабиќ.

Како што може да се види на снимката која кружи на социјалните мрежи, во настанатиот хаос пратеникот Пеѓа Митровиќ од опозициската СПП (Партија за слобода и правда) се упати кон функционерот на СНС, Миленко Јованов. Се гледа како Митровиќ му приоѓа на Јованов, а зад него се приближуваат и пратениците од опозицијата Драган Ѓилас и Павле Грбовиќ. На снимката понатаму се гледа физичка пресметка меѓу пратеници во собраниската сала.

Откако пратениците од опозицијата фрлиле димни бомби во собраниската сала, десетици полицајци во цивилна облека, припадници на Единицата за безбедност, пристигнале во фоајето на зградата, каде новинарите чекале прес-конференција. На новинарите не им бил дозовелен влез во салата, додека седницата била прекината, а мирисот на чад се чувствувал низ зградата, предизвикувајќи иритација на носот и очите, пренесува Нова.рс. Дел од пратениците од опозицијата ја напуштиле собраниската сала.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ