сабота, 27 јули 2024

Фрлен мебел, умрени животни, телевизори и разно ѓубре го затнаа каналот Брегалница и постои опасност од поплава

Објавено на

часот

Сподели

Вработените во водостопанската подружница од Кочани со итна интервенција исчистија околу половина тон отпадоци и спречија да дојде до поголема катастрофа.

„При интервенцијата беа извадени големи колични ѓубре, главно најлони што го попречуваа нормалниот проток на водата, па нивото во каналот се качи до критична точка. Ако не интервениравме на време, за половина час ќе беа поплавени дел од објектите во кругот на противпожарната единица и куќите што се близу до каналот. Повеќепати апелираме до граѓаните да не фрлаат отпадоци, но како што може да се види овде имаме извадено стари телевизори, најлони, ѓубришта, остатоци од вегетација што се фрлаат од бавчите, од кроење лозја, сето тоа се фрла во каналот. Имаме решетка за да не го пропушта ѓубрето, но штом се насоберат отпадоци на неа тоа претставува сериозен проблем“, истакна Станче Стефанов од водостопанската подружница „Брегалница“.

Со максимална количина од околу десет кубни метри вода во секунда, што поради наводнителната сезона е пуштена во каналот, лесно може да дојде до излевање, особено на критичните места каде што тој влегува под земја, а нив во Кочани ги има на неколку локации. Мобилните екипи досега успеваат за краток период да ги исчистат отпадоците, но ако тоа се случи во вечерните часови, опасноста од поплавување ќе биде реалност, додаваат од водостопанската подружница.

За ваквиот неодоговорен однос на граѓаните веќе се известени надлежните инспекциски и полициски служби, за што ќе се бара преземање соодветни мерки и санкции против прекршителите.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ