Македонија е меѓу земјите во кои редовните промени во владејачката елита предизвикуваат недостиг на значајни структурни промени и каде ривалските партии, во кои доминираат личностите или личните определби на нивните лидери, постојано ги политизираат и заробуваат слабите институции. Она што ја отсликува оваа категорија е „комбинацијата на политички плурализам и површни институционални промени“.
„Рејтингот за судската рамка и независноста се намали од 3,25 на 3,00 поради лошото работење на Државниот судски совет и наводите за непотизам при именувањата на обвинители и судии“, се вели во извештајот. Земјите се оценуваат со оценка од 1 (авторитарен режим) до 7 (консолидирана демократија).
И рејтингот за корупцијата се намалил од 3,25 на 3,00 поради голем број наводи за корумпирани високи функционери, како и поради измените во Кривичниот законик со кои се намалија казните за корупција и доведоа до завршување на случаи против поранешни и сегашни владини функционери.
Збирната оценка за демократија на Македонија се намали од 3,86 на 3,79. Процентот на демократија изнесува 46,43 проценти.
За разлика од Украина или Молдавија, Македонија не презеде големи чекори за елиминирање на корумпираните мрежи“, се вели во извештајот, со потсетување дека моќта продолжила да осцилира меѓу коалициите на исти групи партии, како што тоа го правело со децении.
Во извештајот на Фридом хаус се вели дека „судството и понатаму е една од најкритикуваните и најнедоверливите институции во Македонија“. Извештајот ги споменува контроверзите околу смената на лидерот на Советот на судии, но и други скандали.
„Дополнително, назначувањето на нови обвинители и судии со семејни врски со истакнати политичари ги зацврсти перцепциите на јавноста за непотизам во судството“, се вели во извештајот каде се наброени и поголемите корупциски скандали во изминатите години како што е скандалот со клиниката на Онкологија, пожарот во модуларната болница во Тетово, воведувањето на измените на Кривичниот законик доенсени со европското знаменце… Измените во КЗ, според Фридом Хаус, биле неочекувани и предизвикале јавен бес кај домашната јавност.
„Ниту Груевски, ниту неговите најблиски соработници не беа изведени пред лицето на правдата за нивните злоупотреби на функцијата пред 2017 година. Уште полошо, со контроверзните измени на Кривичниот законик во 2023 година се намалија казните за таквите злоупотреби предизвикувајќи да бидат отфрлени големи случаи, додека јавноста веќе се оптоваруваше од фатални корупциски скандали во здравствениот сектор“, се вели во извештајот.
Во Македонија зголемена е политичката тензија меѓу власта и опозицијата поради уставните измени и бугарското вето, но таа теннзија почнала уште од усвојувањето на Преспанскиот договор од 2018 година, пишува во извештајот.
„Слободата на изразување генерално се почитува, но медиумскиот пејзаж останува значително фрагментиран, вклучително и по етничка линија. Новинарите, особено оние кои известуваат за корупција и злоупотреба на власта, продолжуваат да се соочуваат со малтретирање и други предизвици“, се вели во извештајот.