сабота, 27 јули 2024

Франс прес: Русија за седум дена зазеде 278 квадратни километри во Украина

Руската војска за седум дена зазеде 278 квадратни километри во источна Украина, главно во Харковската област, што е најголем напредок во последните една и пол година, се вели во анализата на Франс прес објавена денеска врз основа на податоците добиени од американскиот институт за проучување на војната (ИСВ).

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Помеѓу 9 и 15 мај, биле заземени 277 квадратни километри само во Харковската област во североисточна Украина, епицентарот на руската офанзива за време на која Москва тврдеше дека зазела повеќе места.

Уште 21 квадратен километар што руската армија ги зазеде во тој период се во различни делови на фронтот, вклучително и симболичното село Роботин на југот на земјата.

Руските сили не постигнале толку брз напредок на украинска територија уште од декември 2022 година.

Од 7 до 13 декември 2022 година, во фазата на војната кога линијата на фронтот беше поподвижна, Русите напредуваа повеќе од 350 квадратни километри во областа Луганск на североистокот, но претходните месеци се повлекоа во регионите Харков и Херсон поради украинските контраофанзиви.

Од почетокот на 2024 година, Русија освоила околу 800 квадратни километри украинска територија, што е повеќе отколку во текот на целата 2023 година (600 квадратни километри).

Рускиот напредок сепак е мошне умерен бидејќи претставува помалку од еден процент од украинската територија под контрола на Москва. Според тоа, овие освојувања не можат да се споредат со областите што руската армија ги освои во почетокот на инвазијата во февруари и март 2022 година.

Од почетокот на војната на 24 февруари 2022 година до 15 мај истата година, Русија зазеде 65.336 квадратни километри од украинската територија, што претставува речиси 12 отсто од Украина, не сметајќи ги областите што Русија претходно ги анектираше, како што е Крим.

Франс прес ова го пресметал врз основа на дневните извештаи од американскиот институт, кој процените ги засновува на информации од јавен карактер објавени од двете страни и анализа на сателитски снимки.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ