Станува збор за контроверзната пензиска реформа на францускиот претседател Емануел Макрон. реформата во јануари ги крена Французите на протести. Многу брзо протестите во француските градови станаа насилни.
Во март француската влада употреби специјално уставно овластување да ги спроведе реформите без гласање во парламентот. За реформата, владата на Макрон тврди дека промените се клучни за да се спречи колапс на пензискиот систем. Уставниот совет сега поништи некои од членовите на реформата поради правни недостатоци.
Протести се забранети пред зградата на Уставниот совет во Париз до утре наутро. Некои демонстранти собрани денес во француската престолнина скандираа дека ќе продолжат да протестираат додека не се повлече реформата.
Во близина на зградата на Советот на улиците се поставени барикади, а распоредена е и полиција поради можноста за нови, потенцијално насилни протести поради објавувањето на одлуката.
Владата најави дека реформата ќе стапи на сила на 1 септември, како што планираше. Но синдикатите и опозицијата предупредуваат дека нема да попуштат и го повикаа Макрон да не го потпишува законот.
„Борбата продолжува“, најави лидерот на левицата Жан Лук Меланшон. Уставниот совет го отфрли предлогот на опозицијата за распишување референдум за пензиската реформа. Опозицијата побара уште еден референдум за кој Советот ќе одлучува на почетокот на мај.
Политичките аналитичари оценуваат дека широкиот бран незадоволство од владината пензиска реформа би можел да има долгорочни последици, вклучувајќи јакнење на крајната десница.
Лидерот на Партијата на комунистите Фабиен Русел ја повика владата да не го носи законот. „Се плашам од социјална ерупција, се плашам дека ќе има експлозија“, предупреди.
„Ако го потпише законот, претседателот повеќе нема да може да владее со земјата“, кажа лидерката на партијата од радикалната левица ЛФИ Матилде Пано. „Мобилизацијата продолжува повеќе од кога било порано и нема да дозволиме оваа реформа да продолжи“, кажа таа.
Лидерката на крајната десница Марин ле Пен на Твитер порача дека „политичката судбина на пензиската реформа не е запечатена“ и ги повика гласачите да ги поддржат оние кои се против неа на следните избори за да ја укинат.