четврток, 26 декември 2024

Францускиот сенат забрани да се негира ерменскиот геноцид

Објавено на

часот

Сподели

Францускиот сенат го изгласа нацрт-законот што забранува јавно да се негира дека убивањето на Ерменците во 1915 од страна на Отоманската Империја било геноцид. Овој потег предизвика дополнителен протест кај Турците, што може да води кон понатамошни тензии.

Горниот дом на парламентот во понеделникот гласаше 127-86 во корист на нацрт-законот, откако тој пројде во националниот парламент минатиот месец. За да стане закон, документот треба уште да биде потпишан од францускиот претседател Никола Саркози, чија партија и го предложи, јавува Би-би-си.

Негирањето на Холокаустот во Франција веќе е кривично дело што се казнува со една година затвор и 45.000 евра казна. Се претпоставува дека истата казна би се применувала и за ерменскиот геноцид.

По изгласувањето, турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган го нарече францускиот нацрт-закон „расистички и дискриминаторски“. Турското министерство за надворешни работи предупреди дека ако документот стане закон, Анкара ќе ги продолжи санкциите што ги воведе против Франција како одговор на првичното предложување на законот.

„Тие што мислат дека реакциите ни се преостри, или дека заканите ќе останат само празни зборови, не го сфаќаат проблемот, ниту го сфаќаат турскиот народ“, се вели во соопштението на Министерството.

Франција, пак, негира дека законот ќе ѝ наштети на Турција. „Законот не ѝ штети на Турција. Само го санкционира негирањето на геноцидот. Станува збор за спроведување на европските директиви, должност на францускиот парламент“, изјави францускиот министер за внатрешни работи Клод Гонт.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ