сабота, 27 јули 2024

Франција: За време на протестите на 1 Мај уапсени 291 лице, повредени 108 полицајци

Објавено на

часот

Сподели

Според Дарманин, билансот на вчерашните протести низ Франција бил апсење на 291 лице и најмалку 108 повредени полицајци.

Тој изјави дека однесувањето на огромното мнозинство демонстранти било мирно и без инциденти, но дека француската полиција се соочила со мала група екстремни насилници, кои излегле на улиците со единствена цел „да се борат и да ги повредат припадниците на полицијата, да киднапираат и да крадат“, поради што полицијата беше принудена да употреби солзавец и водени топови.

Дарманин потврди дека во Париз се уапсени повеќе од 60 лица, а еден полицаец бил тешко повреден кога врз него бил фрлен молотов коктел.

Порталот Франс 24 го пренесе соопштението на влијателниот синдикат ЦГТ во кое се наведува дека на вчерашните демонстрации учествувале дури 2,3 милиони луѓе, од кои 550.000 биле во главниот град.

Репортерот на Франс 24, кој зборуваше од улиците на Париз за време на вчерашниот протест, ги опиша демонстрациите како „историски“, со многу поголем број учесници од претходните години, а француските медиуми објавија дека демонстрантите покажале „обединет фронт“ и обновена „мотивација“ во борбата против непопуларната реформа на пензискиот систем на претседателот Емануел Макрон.

Првиот секретар на Социјалистичката партија, Оливие Фор, на Твитер ја поздрави, како што наведе, „огромната демонстрација на сила на граѓаните на Франција, кои не се спремни да се покорат“.

„Народот ја враќа контролата врз својата судбина“, објави на социјалните мрежи Матилда Пано, шефица на пратеничката група на левичарската, популистичка партија „Франција непокорна“.

Претседателот на десничарската партија Национален собир, Жорден Бардела, ги осуди, како што рече, „обидите за убиство на полицајци“, особено посочувајќи дека припадник на специјалните сили за разбивање на немирите е тешко повреден во напад со молотови коктели во Париз.

Француската полиција доби дозвола да користи дронови опремени со камери за следење на толпата на протестите, но групите за човекови права поднесоа жалба на овој потег, тврдејќи дека употребата на дронови на овој начин ги прекршува основните човекови права.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ