БФМТВ, повикувајќи се на дипломатски извори, објави дека тимот на Трамп во средата ја информирал Украина дека состанокот ќе биде откажан, што го натерало Зеленски да се обрати до Макрон, кој интервенирал во негова корист.
На крај, поканата повторно се нашла на маса, па Зеленски денеска е во посета на Белата куќа, но дефинитивно до крајот на средбата атмосферата ќе биде тензична, бидејќи има многу потенцијални прашања што можат да ги загрозат разговорите.
Сепак, интересно е како се промени односот на Трамп кон Зеленски по неговата синоќешна средба со британскиот премиер Кир Стармер: за американскиот претседател украинскиот лидер повеќе не беше „диктатор“, туку го пофали.
Во европските медиуми денеска има различни реакции за договорот за минерали што се очекува да го потпишат Трамп и Зеленски.
Германскиот магазин Шпигел, коментирајќи ја посетата на Стармер на Белата куќа, се пошегува дека секоја средба со Трамп има „потенцијал да предизвика тензии“, бидејќи набљудувачите „никогаш не знаат како ќе заврши“. „Ќе посака ли да анектира, интегрира, да купи нешто? Или само да го смени името?“, пишува во текстот.
Во однос на договорот за минерали, се наведува дека сѐ појасно е дека договорот не е само за минерали, туку „првенствено за тоа како тие сакаат да ја обликуваат својата врска под претседателот Трамп“.
Слично на тоа, француски Ле монд вели дека договорот е само „прв чекор пред сеопфатен договор“, но „останува средство за приближување до американскиот претседател“.
Сепак, не се сите оптимисти.
Дански Берлингске го критикуваше предложениот договор со поостри зборови, истакнувајќи дека неговата логика може да се смета како „голема нелојалност кон сојузниците во Европа, кои колективно дадоа поголем придонес во војната од САД“.
Се наведува дека сегашниот нацрт сепак подобро ја отсликува реалната состојба од првичниот предлог, но се повикува на претпазливост.
„Разликата меѓу договорот за минерали и реториката на Трамп е речиси премногу добра за да биде вистинита. Затоа, има една порака до Украина на денот кога Трамп и претседателот Зеленски треба да го потпишат договорот: Не му верувајте“, пишува данскиот весник.
Полска Газета виборча, исто така, го пофали Зеленски за отфрлањето на првичниот нацрт-договор, велејќи дека тој повеќе потсетува на историските облици на изнуда меѓу колонизаторите и колонизираните.
„Зеленски не попушти пред заканите на Трамп и ги брани интересите на земјата, цврсто преговарајќи со новата администрација“, се наведува во написот.