„Нема да ја поддржиме на изборите, бидејќи сметаме дека нејзините резултати не се во согласност со она што денес го очекува Европа“, изјави претставникот на „Републиканците“ Франсоа-Гзавие Белами за радиото Франс ентер.
Урсула фон дер Лаен, која во понеделникот најави дека ќе се кандидира за втор мандат, треба да биде именувана на почетокот на март за кандидат на ЕПП, чиј член е и француската партија „Републиканци“.
Агенцијата Франс прес оценува дека со осум членови на ЕП во заминување во споредба со 29-те на германската партија ЦДУ, француските „Републиканци“ имаат мала тежина во рамките на ЕПП.
„Републиканците“ не ја поддржаа Урсула фон дер Лаен ниту во 2019 година, рече Белами и додаде дека недостатокот на поддршка е затоа што таа „беше кандидат на (францускиот претседател) Емануел Макрон“.
Белами рече дека десницата ѝ замерува на Урсула фон дер Лаен поради тоа што покажала премногу блискост со францускиот претседател.
„Републиканците“ кои се во опозиција во Франција најмногу ја критикуваат претседателката на ЕК дека нејзината политика е „премногу еколошка“ и дека со тоа предизвикала незадоволство кај земјоделците низ Европа.