понеделник, 15 април 2024

Франција тужи ученичка затоа што лажно обвинила директор дека ја удрил поради хиџабот

Францускиот премиер Габриел Атал изјави дека државата ќе ја тужи тинејџерката затоа што лажно го обвинила директорот на училиштето дека ја удрил за време на расправија поради тоа што носела исламска марама.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Имено, во инцидентот што се случил на 28 февруари, директорот на три ученички им кажал дека треба да го почитуваат законот и да ги симнат покривките на главата.

Две го послушале, а третата не, по што настанала расправија при што тој наводно ја удрил. Директорот инсистирал ученичката да ја отстрани покривката на главата во училиштето, во согласност со францускиот закон, јавува Би-би-си.

Следните денови директорот добивал смртни закани на социјалните мрежи за што од училиштето информирале на дежурниот телефон на француското Министерство за внатрешни работи.

Обвинителите соопштија дека две лица се приведени во врска со смртните закани. Нивниот идентитет не е соопштен, но Министерството за образование соопшти дека тие немаат врска со училиштето.

Полицијата била испратена да патролира околу училиштето кое го посетила и министерката за образование Никол Белубе.

Конечно, полицијата не нашла докази дека директорот ја удрил девојката, а сега се вмеша и премиерот Габриел Атал кој рече дека таа ќе биде изведена на суд поради лажните обвиненија.

„Државата секогаш ќе стои покрај функционерите кои се во првите редови соочени со овие прекршувања на секуларизмот, овие обиди за исламско учење во нашите образовни институции“, рече тој.

На крај, директорот поднесе оставка поради смртните закани на социјалните мрежи.

Директорот на париското училиште, чие име не е објавено, во петокот преку е-пошта им ја испратил својата одлука на колегите.

„Конечно донесов одлука да поднесам оставка од моите функции поради грижа за мојата безбедност и безбедноста на естаблишментот. Заминувам по седум години, богати и интензивни, поминати со вас и по 45 години во јавното образование“, напиша тој, заблагодарувајќи им се на своите колеги за поддршката што му ја изразија во изминатите три недели.

Би-би-си потсетува дека заканата во француските училишта се сфаќа многу сериозно по убиствата на двајца професори.

Семјуел Пати беше обезглавен на улица во предградие на Париз во 2020 година, а Доминик Бернард беше убиен во своето училиште во Арас пред пет месеци.

Политичарите и од левицата и од десницата изразија огорченост затоа што кариерата на почитуван учител треба да заврши поради кампања на омраза на интернет.

„Оваа влада не е способна да ги заштити нашите училишта“, рече Марин Ле Пен.

„Тоа е неприфатливо. Кога директор поднесува оставка поради смртни закани, тоа е колективен неуспех“, рече Борис Вало од Социјалистичката партија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ