сабота, 27 јули 2024

Франција „масовно“ ги засилува полициските сили во Нова Каледонија поради немирите

Високиот француски комесар во Нова Каледонија Луј Ле Фран соопшти дека на островот пристигнува засилување на француската полиција, чиј број до вечерва ќе биде зголемен од 1.700 на 2.700, како дел од масовната операција да се врати контролата во главниот град по немирите на протестите на локалното население во врска со измените на изборните закони.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Засилувањето масовно ќе пристигне веднаш и ќе биде распоредено за да ги контролира областите што избегнаа од контрола во последниве денови“, рече Ле Фран, истакнувајќи дека минатата ноќ била релативно мирна, по немирите што започнаа во понеделникот во кои загинаа четири лица, а стотици други беа уапсени, пренесува Ројтерс.

Владата на Нова Каледонија, каде Франција прогласи вонредна состојба и ја забрани социјалната мрежа ТикТок, денеска соопшти дека на островот има залихи на храна за два месеци, но дека има потешкотии во нејзиното доставување.

Во немирите кои започнаа во понеделникот, загинаа четири лица, од кои тројца припадници на домородното население Канак и еден полицаец, а францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманен, чија јурисдикција се протега и на Нова Каледонија, вчера изјави дека полицијата уапсила едно лице кое застрелало двајца припадници на Канак.

Протестите, кои траат неколку недели, а прераснаа во немири во понеделникот, беа организирани од сепаратистичкото движење „Комитетот за координација на теренските акции“ поради планот на Франција да го прошири правото на глас во Нова Каледонија на француските граѓани кои живеат на островот повеќе од 10 години.

Промената беше одобрена во понеделникот, иако е во спротивност со Договорот од Номеа од 1998 година, според кој никој што се преселил на островот по таа година нема право на глас. Француската влада смета дека е „апсурдно“ да се исклучи една петтина од населението од гласањето, но сепаратистите во Нова Каледонија веруваат дека проширувањето на избирачкиот список ќе биде од корист за профранцуските политичари, наведува Ројтерс.

Пацифичката конференција на црквите денеска се приклучи на бројните повици Франција да ја повлече промената на законот и Обединетите нации да предводат дијалог во Нова Каледонија меѓу Франција и народот Канак.

Франција во договорот од 1998 година вети дека постепено ќе ѝ дава сè повеќе политички овластувања на Нова Каледонија и оттогаш се одржаа три референдуми за независност, кои граѓаните ги отфрлија.

Канаците, припадниците на домородното население, не ги признаваат резултатите од тие референдуми. Во Нова Каледонија живеат околу 270.000 луѓе, од кои 41 отсто се Малезијци, а околу 24 отсто се од Европа, главно со француско потекло.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ