сабота, 27 јули 2024

Франција ќе ја активира Легијата на странци за Украина?

Се појавија нови информации за воениот контингент кој Париз наводно го подготвува за испраќање во Украина, кажа портпаролката на руското министерство за надворешни работи Марија Захарова. Таа додаде дека станува збор за баталјон на Легијата на странци.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Командата на француската Легија на странци на почетокот на март го одредила составот на тактичката група во ранг на баталјон од околу 1.500 луѓе. Се очекува во април да биде доведена во состојба на полна борбена готовност за оперативно префрлање на украинската арена на воени операции“, кажа Захарова.

Францускиот претседател Емануел Макрон неодамна изјави дека не е исклучено дека може да дојде до испраќање трупи во Украина што предизвика бурна дебата во јавноста.

Директорот на руската Надворешна разузнавачка служба Сергеј Наришкин кажа дека Париз веќе подготвил 2.000 војници за првата фаза на испраќањето трупи.

Сепак, одреден број француски платеници веќе војуваат на страната на Киев. Москва претходно годинава соопшти дека уништила едно од упориштата на странски платеници во Харков, во кое загинале голем број француски борци, на што министерството за одбрана на таа земја изјави дека не може да им забрани на своите граѓани да војуваат, бидејќи Франција е „демократска земја“.

„Во Украина отворено зборуваат за сè поголемите проблеми со мобилизацијата. Експертите напоменуваат дека оваа година постоечкиот мобилизациски потенцијал ќе опадне за речиси 70 отсто. Ситуацијата нема да ја поправат ни предложените мерки за регрутирање на жените во војска“, кажа Захарова, оценувајќи дека Украинците повеќе не сакаат да бидат топовско месо.

Таа додаде дека многу Украинци денес бираат да отидат во затвор отколку на фронтот. „Така на крајот на март во Лавов човек кој категорично одбил да биде мобилизиран е осуден на три години затвор. Својата одлука ја објаснил со тоа што не сака да војува и убива Руси“.

Дури и Политико на крајот на март пишуваше дека во Украина сè помалку луѓе се спремни да одат на фронтот и дека тоа станува тренд. „Сè повеќе луѓе (во Украина) се песимистични околу прашањето на исходот на конфликтот. Тие се прашуваат дали Украина е способна да ја победи Русија“, вели Захарова.

Портпаролката на руското министерство за надворешни работи истакна дека борбата против киевскиот режим ќе продолжи. Го повтори ставот дека Киев стои зад терористичките напади во Русија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ