сабота, 27 јули 2024

Франција денес станува првата земја што ќе го воведе правото на абортус во својот Устав

Франција денес ќе стане првата земја која во својот Устав ќе вклучи доброволно прекинување на бременоста, за разлика од многу земји каде ова право се ограничува.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Претставниците на двата дома на францускиот парламент, Сенатот и Националното собрание, ќе се соберат на церемонија во Версајската палата каде ќе го одобрат амандманот на Уставот предложен од владата.

На четири дена пред 8 март, Меѓународниот ден на правата на жената, со оваа реформа во членот 34 од Уставот ќе се внесе реченицата – „Со закон се утврдуваат условите под кои се остварува слободата загарантирана на жените да прибегнат кон доброволно прекинување на бременоста“.

„Кога правата на жените се нападнати ширум светот, Франција застанува и се става на чело на напредокот“, изјави неодамна премиерот Габриел Атал, пренесува Бета-АФП.

Тоа ќе биде „првата уставна одредба толку експлицитна на оваа тема, не само во Европа, туку и во светот“, рече Ли Хоктор, експерт во Центарот за репродуктивни права, американска организација која ги брани правата на абортус.

Според анкетите, вклучувањето на правото на абортус во Уставот го поддржуваат повеќе од 80 отсто од француското население.

Противниците на абортусот најавија собир пред Версајската палата во текот на денот, додека поддржувачите на прекинување на бременоста ќе се соберат на плоштадот Трокадеро. Тој собир во Париз беше инициран од градските власти и организациите за правата на жените.

Абортусот беше легализиран во Франција во 1975 година, четири години по апелот во кој 343 жени, меѓу кои познатите актерки Жана Моро, Катрин Денев и писателките Симон де Бовоар, Маргерит Дурас, Франсоа Саган, признаа дека имале абортус.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ