сабота, 27 јули 2024

Формално заврши процесот на визна либерализација за Косово

Објавено на

часот

Сподели

Одлуката се очекува да стапи во сила на 1 јануари 2024 година – од кога косовските граѓани што поседуваат биометриски пасоши издадени од Косово ќе можат безвизно да патуваат во Шенген-зоната, која се состои од 27 европски земји.

Визната либерализација одобрена за Косово важи само за лицата со косовски пасоши издадени од косовските власти, но не и за оние граѓани на Косово што имаат пасоши издадени од српските власти, потврдија претставници на Европската комисија.

Одлуката објавена во Службениот весник на ЕУ е онаа што на 19 април ја потпишаа претставници на Европскиот парламент и на Советот на ЕУ.

Сепак, граѓаните на Косово треба да го чекаат почетокот на следната година за да уживаат во безвизниот режим со европските земји.

Според одлуката договорена во декември минатата година, визниот режим за Косово ќе биде укинат паралелно со функционирањето на информацискиот систем ЕТИАС, но најдоцна до 1 јануари 2024 година.

Кога беше договорена оваа одлука, се сметаше дека системот ЕТИАС ќе профункционира на 1 ноември минатата година, што ќе овозможи проверка на податоците на државјаните на трети земји – на кои не им е потребна виза – пред да влезат во Шенген-зоната.

Но веќе е извесно дека овој систем ќе биде ставен во функција можеби дури подоцна следната година, дури ниту од 1 јануари. Но поради тоа нема да се одложи стапувањето во сила на либерализацијата за Косово.

Претходно, сите процедури во процесот на одлучување за безвизниот режим беа завршени во вторникот на 18 април, кога на пленарната седница на Европскиот парламент беше усвоена одлуката за визна либерализација за Косово.

Уште во 2018 година Европската комисија препорача укинување на визниот режим со Косово, но политичката одлука беше заложник на внатрешните проблеми во некои земји-членки.

Со укинувањето на визниот режим, Косово им се придружува на другите земји во регионот, чии граѓани повеќе од една деценија уживаат во слободата на движење.

Црна Гора, Србија и Македонија немаат визен режим од декември 2009 година, а Албанија и Босна и Херцеговина беа префрлени на таканаречената бела Шенген-листа во декември 2010 година.

Процесот на либерализација со Косово траеше најдолго во споредба со другите земји од Западен Балкан.

Министрите на земјите членки на ЕУ во март годинава гласаа за визна либерализација.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ