Масовните протести по уривањето на настрешницата и смртта на 15 лица во Нови Сад не се политички јасно артикулирани, па нивната судбина е неизвесна, студентите направија грешка со тоа што одбија да разговараат со претседателот на државата, бидејќи суштински промени можат да се постигнат само преку избори, пишува Форин полиси.
„Овие протести не ги водат опозициските политички партии, туку студентите. Тие во средината на ноември ги блокираа зградите на своите факултети и организираа демонстрации, а на најголемиот собир на улиците имаше околу 100.000 луѓе“, додава порталот.
„Сега, по четири месеци демонстрации, српската влада сè уште не најде начин да го смири гневот на јавноста. Оставките на градоначалникот на Нови Сад и премиерот не успеаја да ги смират демонстрантите, кои тврдат дека системот мора суштински да се промени. Студентите поставија четири главни барања, кои владата мора да ги исполни за блокадите на факултетите да престанат, а до денес ниту едно барање не е исполнето“, пишува ФП.
Се додава дека властите не се снашле во борбата против студентите, кои немаат лидери, туку одлуките ги донесуваат мнозински на состаноци – пленуми.
„Меѓутоа, со текот на времето, недостигот од хиерархија може да се покаже како голем проблем. Иако хоризонталната структура без водачи, која потсетува на движењето ‘Окупирај’, кое почна со протестите на Волстрит во Њујорк во 2011 година, досега се покажа како предност за студентите, историјата покажа дека политичките организации од оваа природа се многу посклони кон конфликти и дека имаат тенденција да пропаднат“, пишува порталот, и тврди дека одбивањето разговори со претседателот на Србија Александар Вучиќ (како ненадлежна личност) било грешка предизвикана од „недостиг од политички дух“.
„Иако тоа е теоретски точно, се знае дека, во реалноста, Вучиќ е тој што управува со сѐ. Потпирањето на Уставот во лажна демократија со слаби институции е аргумент од дебатен клуб што не прави ништо за да ги унапреди целите на протестите на практичен начин“, пишува порталот.
„Заземањето толку тврд став има смисла, особено кога се соочуваме со можност за преговори со моќен човек како Вучиќ, но времето истекува. Колку подолго траат протестите, толку потешко ќе им биде на организаторите да го задржат бројот на луѓе на улиците. Масите неизбежно ќе се обесхрабрат ако почнат да чувствуваат дека никаде не одат, а бројките во еден момент ќе почнат да опаѓаат“, пишува ФП.
Со оценката дека студентските амбиции можат да се остварат само преку избори или со помош и притисок на меѓународната заедница, се забележува дека тие во моментов немаат можност да спроведат ниту една од овие опции.
„Значи, земајќи ги предвид сите работи, студентите најверојатно ќе бидат принудени да го променат курсот или да гледаат како нивното движење полека се распаѓа“, заклучува Форин полиси.
„Во меѓувреме, на улиците на Белград недостига реализам, а еден број идеалистички демонстранти изгледаат убедени дека Вучиќ влегува во последните денови. Но никој не може да одговори како ќе се случи тоа, ниту дали имаат некаков план за следниот ден.“
„Тоа е рецепт за разочарување. Кога Арапската пролет во 2011 година го собори египетскиот автократ Хосни Мубарак, Муслиманското братство се вклучи за да го пополни политичкиот вакуум што беше оставен бидејќи тие беа најорганизираната алтернатива, наспроти онаа што најдобро се вклопуваше во целите на револуцијата“.
„Значи, дури и ако српските студенти некако успеат да го соборат Вучиќ, тоа лесно може да го отвори патот некоја уште понелиберална личност да го заземе неговото место“, пишува порталот, тврдејќи дека „значителен број учесници доаѓаат од националистичката десница и дека употребата на антизападни и проруски знамиња на демонстрациите е широко распространета“.
„Иако останува нејасно кој точно ќе го преземе водството, партијата на Вучиќ е единствената вистинска организирана политичка сила во Србија, а во земја каде што јавното мислење е цврсто навалено надесно, патриотските аргументи имаат многу поголема тежина од оние за транспарентност и независни институции.
„Значи, Вучиќ веројатно ќе ги надживее овие протести, бидејќи дури и ако многу Срби не го сакаат, тие не гледаат остварлива политичка алтернатива.“
„Наместо да сонуваат за револуција, студентите треба да се помират со фактот дека, како и Милошевиќ, и Вучиќ може да биде отстранет само преку гласачката кутија.
Вистинската мерка за нивниот успех ќе биде нивната способност да изградат трајно движење, кое може да го канализира антивладиниот гнев додека не се појави политичка алтернатива на Вучиќ“, се заклучува во текстот на Форин полиси.