четврток, 13 март 2025

Форбс: Украинските бригади се повлекуваат од Курск и им ја предаваат територијата на Русите

На крајот на минатиот месец, 25 февруари, низа прецизни руски напади со дронови онеспособија десетици украински воени возила долж главниот пат кон Суџа, градот кој беше главното упориште за 10.000 украински војници кои окупираа значителен, но сè помал дел од Курската област во западна Русија.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Тоа беше денот кога требаше да почнете да се грижите за Курск“, напиша аналитичарот Ендрју Перпечуа, две недели подоцна, се чини дека главнината на украинските сили, вклучувајќи некои од најсилните бригади на украинската војска, се евакуираа од Курск и се прегрупираа на украинската страна на границата, пишува Форбс.

„Моите пријатели успеаја да го напуштат Курск, избегнувајќи опколување“, објави во понеделникот еден украински извор. „Тажно е што дојде до ова. Но така е како што е“.

Украинците во август упаднаа во Курск и брзо освоија стотици квадратни километри. Меѓутоа, никогаш не успеаја да осигураат одбранбена позиција на западната страна на реката Мала Локња. Нивните напори да се пробијат кон север беа спречени од руските контранапади кај селото Погребки, додека обидите за пробивање кон исток наводно ги довеле до 12.000 севернокорејски војници.

Дури и кога Русите на крајот на минатата година сконцентрираа сили и постигнаа тројна предност во бројот на војници во Курск, Украинците ги држеа позициите, користејќи мини, дронови и артилерија за одбивање на руските напади.

Во тоа време, украинскиот претседател Володимир Зеленски сè уште се надеваше дека ќе може да размени делови од Курск за време на можните идни преговори за примирје. „Ќе замениме украинска територија за руска“, кажа Зеленски.


Но, администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ја поткопа позицијата на Зеленски со исклучувањето на украинските дипломати од почетните американско-руски преговори, за потоа на 28 февруари Трамп и потпретседателот на САД Џеј Ди Венс да го нападнат Зеленски во Овалната канцеларија, пишува Форбс.

Тогаш го обвинија дека не е доволно благодарен за досегашната американска помош, помош против која самиот Венс, на својата претходна позиција како американски сенатор, гласаше.

По кавгата во Овалната канцеларија, Трамп ја прекина американската помош за Киев и ја замрзна размената на разузнавачки податоци меѓу двете земји. Во меѓувреме, елитниот руски тим за дронови, Рубикон центарот за напредни беспилотни системи, беше распореден во Курск, пишува Форбс.

„Рубикон користи напредни тактики на дронови“, објаснува Перпечуа. Се чини дека нивните дронови летаат директно низ украинското електронско попречување. Набрзо остатоци од стотици украински возила го блокираа патот кон Суџа, а руски воени авиони ги гаѓаа мостовите долж границата, со цел отсекување на најверојатни линии за повлекување.

Вчера генералот Олександр Сирски, врховниот командант на украинската војска, ги уверуваше Украинците дека „нема закани кои ги опкружуваат украинските единици во Курскиот регион“. Но, Сирски не вети дека неговите трупи ќе останат во Курск. Наместо тоа, „единиците преземаат навремени мерки за маневрирање на поволна линија за одбрана“, објави командантот.

Тоа веројатно значи дека украинските сили го напуштаат Курск и се откажуваат од територијата која Зеленски сакаше да ја размени со Русија во замена за поволен прекин на огнот, заклучува Форбс.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ