Подеднакво е легендарен каривурстот во работничките кантини на автомобилскиот гигант Фолксваген. Нешто како ќофтињата во рестораните на Икеа. Не е чудно тоа што Фолксваген одамна почна да го продава колбасот и во супермаркетите.
Сепак, веста звучи бизарно – Фолксваген минатата година продал повеќе колбаси од автомобили. Тоа зборува за популарноста на нивниот каривурст, но и за кризата на германската автомобилска индустрија.
Како што е соопштено, минатата година концернот од Волфсбург продал 8,5 милиони порции колбаси во триесетина кантини и киосци, како и во супермаркетите. Тоа се околу двесте илјади повеќе отколку во 2023 година, која исто така била рекордна.
Да бидеме фер, не станува збор само за каривурст. Рекордот се припишува на тоа што на понудата пред неколку години е додаден хот-дог произведен од Фолксваген.
Истовремено, минатата годна се продадени само 5,2 милиони возила со значката на Фолксваген.
Ако е за утеха, кога ќе се додадат сите марки кои му припаѓаат на концернот – како Шкода, Сеат, Ауди, Порше, Ламборгини – продадени се девет милиони парчиња, што е сепак повеќе од бројот на колбаси. Но и таа бројка е помала за 2,3 отсто во однос на претходната година.
Жесток пад на профитот
Соопштено е и дека Фолксваген минатата година заработил 12,4 милијарди евра, што за нив е скандалозен пад од 30 отсто. И тоа иако вкупниот обрт се зголемил на 345 милијарди.
Причината за падот на профитот е големиот пад на кинескиот пазар, како и големите вложувања, како на пример во новата фабрика на Ауди во Брисел.
Вработените со колективниот договор засега може да ги радува тоа што сепак добиваат бонуси за минатата година и тоа по 4.800 евра. Тоа го добиваат околу 120.000 вработени во Германија.
Ќе преживеат со милионските плати некако и шефовските спратови на концернот кои, според германската новинска агенција ДПА, за оваа и следната година се откажуваат од околу единаесет отсто од своите примања.
Неволјите допрва доаѓаат, бидејќи Фолксваген на крајот на минатата година, со големите протести на вработените па и на политичарите, најави дека до 2030 ќе укине 35.000 работни места во Германија. Тоа е прв пат во историјата автомобилскиот џин да отпушта луѓе.
Тоа е воедно цехот за сопнувањето на германската автомобилска индустрија која и понатаму е извозниот мотор на целата економија. Но, конкуренцијата е сè посилна, особено на полето на електричните автомобили, а глобалните зделки трпат и поради царинските војни кои сега повторно ги иницира Доналд Трамп.
Не грижете се за каривурстот
Што се однесува до колбасот, тука сите можат мирно да спијат. Најавено е дека Фолксваген планира да воведе нови видови колбаси во кантините и во супермаркетите главно во Долна Саска, покраината во која се наоѓа Волфсбург.
Впрочем, со тоа повеќе нема шега. Кога пред неколку години го повлекоа каривурстот од една од десетиците свои кантини, се крена голема медиумска прашина. Се јави дури и поранешниот канцелар Герхард Шредер кој секогаш се претставувал како човек од народот да потсети дека колбасот е „работничка чоколада за сила“.
Фолксваген почнал со производството на каривурстот уште во 1973 година. Го произведува месарница основана од концернот. Каривурстот дури има и сериски број, како што има секој дел од автомобилите. Тој број е 199 398 500 А.