сабота, 27 јули 2024

Фирма незаконски купувала мазут за ЕСМ, која продавала струја по пониска цена од берзанската, утврди ДКСК

Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) на денешната седница утврди сомнежи за незаконска набавка на мазут за потребите на ЕСМ, за рестартирање на ТЕЦ Неготино од страна на фирмата РКМ и незаконска продажба на ноќни вишоци на струја од страна на ЕСМ.

Објавено на

часот

Сподели

Според доказите до кои дошла ДКСК, а во предметот отворен по сопствена иницијатива, вредноста на вкупната набавка изнесува околу 212 милиони евра, а требало да ја изврши фирмата РКМ од Скопје, при што била предвидена количина на мазут за која постои сомнеж дека истата не можела да биде испорачана за многу краток временски период. Требало да бидат набавени околу 195 илјади тони мазут. Дополнително, според јавно изнесените наводи, ЕСМ извршила и продажба на ноќни вишоци на електрична енергија на фирма по цена која била многу пониска од берзанската.

По увидот во потребната документација, ДКСК утврдила дека во тендерската документација на ЕСМ не било барано економските оператори да го докажат техничкиот капацитет за испорака на мазутот, договорите за набавка на мазут со фирмата РКМ биле склучени во вредност која била пониска од понудената, за истата количина, воедно биле пробиени и финансиските планови за јавни набавки на ЕСМ.

Исто така, Комисијата утврди дека кон првиот договор за набавка на мазут со РКМ склучен бил анекс без да се утврди потребната количина и без да се утврдат ценовните и техничките услови на испорака, со што се овозможило за истата количина да се испорача мазут по повисока цена. Додека кон вториот договор за набавка на мазут со РКМ, кој иако бил истечен и бил неважечки, бил склучен анекс со цел да се исплатат дополнителни пари, без да се наведе испорака на дополнителната количина на мазут.

Според сметководствената документација на ТЕЦ Неготино испорачаниот мазут од двата договори е со помала количина за околу 18.000 тони, РКМ набавил мазут во помала количина од онаа што била наведена како испорачана и прикажал помалку приход во билансите во споредба со договорите за испорака на мазут.

„Утврдени се состојби кои укажуваат на сомнежи за трговија по пат на инсајдерски информации на енергетскиот пазар и за даночно затајување и ерозија на т.н. солидарен данок на добивка од страна на РКМ и сомнежи кои укажуваат на монополско и непријателско здружување на домашниот пазар на мазут, со цел предизвикување пораст на неговата цена, а со тоа и растројство на домашниот пазар на мазут и пораст на цената на електричната енергија на штета на домашното стопанство, граѓаните и јавниот интерес на РСМ“, информира, членот на Комисијата, Горан Трпеноски.

Комисијата по овој предмет донесе одлука да биде поднесена иницијативи за понатамошна постапка до Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Владата, Комисијата за заштита на конкуренцијата, Регулаторната комисија за енергетика, Управа за јавни приходи и Управа за финансиска полиција.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ