На танкерот „Игл С“, кој е регистриран на островите Кук, во четвртокот се качија претставници на финската полиција и крајбрежната стража, кои го запленија и го однесоа во финските води.
Главниот инспектор на Националното биро за истраги на Финска, Сами Паила, рече дека истражителите идентификувале „лента настаната од влечење“, но допрва треба да го пронајдат исчезнатото сидро, објави Ројтерс.
Тој рече дека лентата на морското дно, создадена со влечењето предмет, е долга „десетици километри“.
Фотографиите од танкерот „Игл С“ направени во петокот покажуваат дека на бродот му недостига сидро од левата страна.
Прекинот на кабелот Естлинк 2 од 658 мегавати меѓу Финска и Естонија се случи напладне во средата, при што остана само кабелот Естлинк 1 од 358 мегавати што ги поврзува двете земји, соопшти финскиот оператор за електрична енергија.
Тогаш беше објавено дека „Естлинк 2“ можеби нема да биде повторно во функција пред август следната година.
Финската полиција соопшти дека се сомнева дека танкерот Игл С предизвикал оштетување на кабелот влечејќи го сидрото на морското дно, додека царинската служба на земјата соопшти дека верува дека бродот бил дел од руската „флота во сенка“ составена од застарени танкери, која се користи за да се избегнат санкциите за извозот на руска нафта.
Кремљ во петокот соопшти дека не е многу засегнат од запленувањето на танкерот од страна на финските власти.
Русија негираше вмешаност во кој било од претходните инциденти во Балтичко Море поврзани со оштетување на инфраструктурата, односно подморски кабли.