„Важно е да не исклучуваме сè на долг рок, бидејќи никогаш не знаеме колку сериозна ќе стане ситуацијата. Сепак, позицијата на Финска е јасна. Во моментов не испраќаме војници и не сме спремни да разговараме за тоа“, изјави Валтонен за американскиот портал Политико.
Таа рече дека сега е најважно сојузниците на Украина да продолжат да испраќаат помош во Киев, додавајќи дека Финска потрошила повеќе од 0,6 отсто од БДП за помош на Украина.
„Многу европски земји би можеле да направат многу повеќе“, рече Валтонен.
Изјавата на шефицата на финската дипломатија доаѓа еден ден откако францускиот претседател Емануел Макрон повтори дека не треба да се исклучи можноста за испраќање војници од западните земји во Украина, пишува порталот.
Францускиот претседател минатиот месец рече дека земјите што ја поддржуваат Украина не треба да ја исклучат опцијата за испраќање свои војници на фронтот.
Неговата изјава предизвика низа реакции од сојузниците, кои најавија дека немаат намера да испраќаат војници во Украина.