Управата на ФИНКИ на денешната седница расправаше за односот на Владата и Министерството за образование и наука кон барањето за привремено надминување на просторниот проблем на најголемиот технички факултет во Македонија со повеќе од 5.000 активни студенти.
Факултетот бара Владата на Македонија да го задолжи Министерството за образование и наука во рок од три месеци да обезбеди простор и да изврши релокација на Бирото за развој на образование, како орган на државна управа во состав на МОН.
„Ако Владата на следната седница не донесе позитивна одлука по барањето на факултетот, односно ако повторно ја одложи точката која е од суштествено значење за нормално спроведување на наставата на факултетот, ќе бидеме приморани да преземеме порадикални мерки. Факултетот го задржува правото, до остварување на овие барања, јавно да го искажува своето незадоволство со одржување на протести и штрајк“, соопшти ФИНКИ.