четврток, 26 декември 2024
Петти fорум на креативните градови за филм на УНЕСКО

Филмот и креативните индустрии можат да инспирираат еколошки промени

Филмската и креативните индустрии играат клучни улоги во унапредувањето на одржливоста. Од јавни кампањи до практики за покревање на свеста, културните настани можат да водат кон позитивни промени за животната средина, а малите чекори можат да направат голема разлика, заклучија учесниците на Петтиот форум на креативните градови за филм од мрежата на УНЕСКО, кој се одржа во Битола на тема „Одржливи и еколошки практики во филмот и креативните индустрии“.

Објавено на

часот

Сподели

Дополнително, се согласија учесниците, филмот има потенцијал да ја продлабочи нашата љубов кон природните пејзажи.

„Додека размислуваме за иднината, како клучна се наметнува потребата од соработка. Локалните власти, бизнисите, заедниците и меѓународните партнери мора заеднички да работат на создавање поодржливи практики во секој аспект од продукцијата, дистрибуцијата и кинопроекциите. Како градови, членките на УНЕСКО можат да ги зајакнат своите врски за да промовираат одржливост во филмот и креативните индустрии, да споделуваат иновативни практики и да бидат лидери во намалувањето на јаглеродниот отпечаток“, беше кажано на форумот.

Форумот привлече филмски професионалци од целиот свет, вклучувајќи претставници од Ваљадолид, Голвеј, Потсдам, Лоѓ, Сараево, Софија, Тераса и други градови, кои ги споделија своите искуства и практики во филмот и креативните индустрии кон градење одржливи градови.

Преку панел-дискусии, презентации и проекции на филмови со фокус на „зелена“ продукција, учесниците го потенцираа значењето на соработката помеѓу креативните градови за да се поттикне свесноста за климатските промени и да се намали јаглеродниот отпечаток. Примерите од успешни проекти, како и дискусиите за декарбонизација и дигитализација, покажаа како филмот и креативните индустрии можат да придонесат за одржлив развој и зачувување на животната средина.

„Заедно, Сараево и Битола ги идентификуваат начините на кои градовите можат да ги обединат своите креативни аспирации за поттикнување на соработката во Балканскиот регион и филмот. Додека ги адресираме еко-практиките во филмот, гледаме на ова како дел од пошироката нарација каде одржливоста не е само политичка цел, туку водечки принцип за сите наши активности. Меѓутоа, признаваме дека напредокот најдобро се постигнува колективно. УНЕСКО нуди платформа за учење и соработка, потсетувајќи нè на трансформативната моќ на заедничкото знаење“, изјави Лејла Беслагиќ, стручен соработник за одржливи практики на градот Сараево.

Еден од клучните моменти на форумот беше истакнувањето на фестивалите како лидери на позитивни промени според примерот на Сараевскиот филмски фестивал кој служи како платформа за подигнување на свеста за еколошките прашања и годинава ја доби Специјалната награда за подигнување на еколошката свест на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).

„Постигнуваме многу, но сè уште постојат предизвици. И покрај напредокот, се уште има пречки во имплементацијата на одржливи практики, вклучувајќи финансиски бариери и ограничени ресурси. Сепак, иднината на зеленото филмско производство во Ваљадолид изгледа ветувачка, со континуирана иновација и партнерства. Но, потребно е филмската индустрија да стане повеќе еколошки свесна“ изјави Лорето Ареналес, раководителка на Одделот за меѓународен туризам во Градскиот совет на Ваљадолид, Шпанија.

Брајан Барет, Виш извршен службеник за економски развој, туризам и култура при Градскиот совет на Голвеј, Ирска, истакна дека Голвеј и Ирска се сега на правно обврзувачки пат кон нето-нула емисии најдоцна до 2050 година и кон 51 отсто намалување на емисиите до крајот на оваа деценија.

„Иако јавниот транспорт е слаб, а јаглеродните емисии во Ирска се високи, креативните индустрии се од клучно значење за промена на наративот и за започнување на разговор во заедницата. Филмот и креативноста можат да ја подигнат свеста за климатските промени“, рече Барет.

Заклучоците од форумот ќе бидат испратени до кластерот за филм на УНЕСКО и ќе служат како основа за креирање политики и поддршка на локалниот аудиовизуелен сектор.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ