Тој посочил дека доаѓа од држава и нација, која веќе речиси две децении упорно се бори за своето место во Европската Унија.
„На патот кон оваа крајна цел, соочени сме со многу предизвици и услови кои мораме да ги исполниме. Но, како што сите знаеме, билатералните недоразбирања и спорови со нашиот сосед станаа најголемата пречка за нашите европски перспективи. И ќе се согласите сите дека овие практики се спротивни на вредностите на Европската Унија, вредности кои се темел на интеграција, соработка и почитување на правото“, истакнал Филков.
Токму поради ова, како што нагласил тој, сега е моментот кога Европската Унија мора да покаже вистинско лидерство и политичка волја.
„Мора да биде јасно дека постои подготвеност и ширина за отстранување на билатералните спорови помеѓу земјите-кандидати за ЕУ и земјите-членки. Не само во рамки на Копенхашките критериуми, туку над нив – во името на регионалната стабилност и европската интеграција“, истакнал Филков.
Според него, сега е вистинскиот момент да се стави акцент на глобалната слика и на новата политичка реалност во која се наоѓа современото општество.
„Европската Унија мора да покаже дека е подготвена за нови предизвици и дека има капацитет да опстои како силна, обединета и глобално конкурентна унија. Овој момент не смееме да го пропуштиме. Потребно е да чекориме заедно. Веќе е сè поизвесно дека нема да има повторни шанси да се вратиме на истата патека. Повеќе време за губење – немаме! Европа не чека!”, рече во своето обраќање македонскиот министер за правда.
Филков, како што соопшти Министерството за правда, се осврнал и на реформите кои се спроведуваат во сферата на правосудството.
„Во последните неколку месеци, Република Македонија презеде значајни чекори. Покрај усвојувањето на важни закони, како Законот за конфискација во граѓанска постапка и Законот за Канцеларијата за поврат на имот, беа преземени и мерки за зајакнување на правосудните институции. Од исклучителна важност се и подготовките на новиот Кривичен законик и Законот за кривична постапка, кои ќе бидат усогласени со европските стандарди и меѓународната пракса. Во моментов, во процес е предлог на закон за заштитено пријавување и заштита на укажувачи. Дополнително, значаен е и процесот на дигитализација во правосудниот систем. Во оваа пригода, би сакал да ја истакнам важноста на напредокот што нашата држава го постигнува во однос на имплементацијата на препораките од ГРЕКО. Особено во контекст на петиот круг, кој се однесуваше на централната власт и Министерството за внатрешни работи“, истакнал тој.
Филков на конференцијата ја споделил информацијата дека во периодот од 17-19 март оваа година, на пленарната седница на ГРЕКО во Стразбур, се очекува да биде затворен петиот круг на евалуација за Македонија.