Последниот случај со поранешниот припадник на ОВК Блерим Рамадани, е еден од низата, во кој јасно се отсликува актуелната состојба во судството. Одлуката на судијата Пајазит Пајазити е неразбирлива и не е во согласност со досегашната пракса. Затоа и довербата на граѓаните во судството, правосудството и обвинителството е на рекордно ниско ниво, вели Филков.
„Оваа судска одлука е уште еден доказ дека се потребни неодложни реформски процеси во судството и правосудството и градење на еден систем во кој ќе има еднаква правда за сите. Во тој систем мора да доминираат вистински професионалци, а не партиски послушници. Изненаден сум што на денешната седница на Судскиот совет не се отвори и прашањето за случајот со Блерим Рамадани. Очекував да бидат разгледани сите докази, аргументи и факти за одлуката на судијата Пајазит Пајазити. И секако, доколку бидат утврдени какви било неправилности и недоследности во постапката и процедурата или пак бидат утврдени влијанија при носење на судската одлука, истиот да биде санкциониран и разрешен од функцијата“, изјави Филков.
Тој го повика Судскиот совет да одржи вонредна седница на која би се разгледало ова прашање со цел, како што вели министерот, во иднина да не се повторат исти или слични ситуации.