сабота, 21 декември 2024

Филков: До јуни 2025 година мора да имаме нов закон за Судски совет

Согласно Реформската агенда која официјално беше одобрена од Европската комисија, земјава до јуни 2025 година треба да има нов закон за Судски совет. За постигнување на оценката дека во државата владее правото не е доволно само постапувањето на институциите на државата, туку целосно затворен круг во ефикасна постапка како доказ дека системот во државата е функционален, изјави денеска министерот за правда Игор Филков на последната петта тркалезна маса за консултации со стручната јавност за измените на Законот за Судски совет.

Објавено на

часот

Сподели

Министерот Филков во воведното обраќање истакна дека целиот процес на консултации се завршува согласно дадените ветувања и заложби дека законските решенија ќе бидат подготвени во транспарентен процес со консултации на стручната фела, вклучувајќи ги и предлозите од деншната дебата на која учествуваат судиите од најголемото скопско апелациско подрачје.

„Реформската агенда која официјално беше одобрена од Европската комисија, на 23 октомври годинава, не обврзува до јуни 2025 година да имаме нов закон за Судски совет, во кој што ќе бидат адресирани препораките од Оценската мисија. Не очекува и обврската нацрт законот да биде разгледан од страна на Венецијанската комисија пред усвојувањето во државата што создава притисок за што поскоро завршување на процесот“, рече Филков.

Тој изрази увереност дека ќе добиеме соодветно законско решение кое што ќе ја постави основата за ефикасно функционирање на судскиот совет, но нагласи дека Судскиот совет како тело е потребно да го врати легитимитетот, професионалноста и интегритетот со правилна примена за законските норми.

„Ве повикувам денес токму вие судиите од најголемото апелациско подрачје во државата со најголем број на предмети во работа, да го искажете вашиот став, мислење и да дадете конкретни предлози на предлог измените и дополнувањата на Законот за судскиот совет. Особено за условите и постапката за избор на членовите, мандатот и одговорноста, дисциплинската постапка на судија, постапката по жалба, избор, престанок и разрешување на судија и судија- поротник, но и за другите делови од законот“, вели Филков.

Министерството за правда, додаде тој, останува посветено на сите процеси и во обезбедувањето на условите за зачувување на принципот на владеење на правото, кои се потребни за подигнување на ефикасноста на судските постапки и квалитетот на правдата, но, при тоа укажа на тоа дека ваквата заложба не може да ја постигне извршната власт, туку зависи од секој судија.

„Ние само ја изготвуваме и предлагаме законската основа за функционирање на судството. Реализацијата на секоја законска норма од овој дел зависи од секој судија, јавен обвинител, член на судскиот совет, член на советот на јавни обвинители и дигнитетот и професионалноста на секој од нив. Токму затоа секој од споменатите е должен да ја докаже својата професионалност и интегритет во своето постапување. За постигнување на оценката дека во државата владее правото не е доволно само постапувањето на институциите на државата, туку клучно е и процесирањето на секоја кривична пријава во разумен рок, подигнување на соодветни и издржани обвинителни акти и секако ефикасна судска постапка по однос на секое поднесено обвинение. Само целосно затворен круг во ефикасна постапка е доказ дека системот во државата е функционален. Ова е заедничка заложба за која што е потребен заеднички придонес со цел враќањето на довербата на граѓаните во правосудните институции“, рече Филков.

Беса Адеми, претседателката на Врховниот суд – највискоиот суд во државата, во чии простории се одржа тркалезната маса порача дека  инклузивноста на процесот на носење на овие измени, како дел од реформскиот процес во областа на праводуството, говори дека се почитува ставот и мислењата на судската фела, а воедно дава придонес и за европските аспирации на државата.

„Целта на законските измени е да се изнајдат најдобрите решенија со кои ќе се надминат констатираните слабости, ќе бидат во согласност со препораките на Оценската мисија и ќе обезбедат доследност во исполнувањето на основните начела на владеењето на правото. Токму начелата на независност на судството, отчетноста, заштита на угледот на судството, ингегритетот на судиите, заштитата од несоодветните влијанија, правната сигурност и секако принципите на Европскиот суд за човековите права, треба да се суштинската основа за законските измени. Врховниот суд на РСМ преку општата седница ќе даде силна поддршка на сите законски измени кои се гаранција за доследното почитување на европските стандарди и за иднината на судството, државата и нејзините граѓани“, потенцира претседателкјата на највисокиот суд во земјава Адеми.

Работната верзија на Нацрт закон за измени на Законот за Судски совет, која беше предмет на серијата дебати беше изработена од Работна група во рок од пет месеци. Сите досегашни дадени предлози, беше речено, се нотирани и заедно со денешните ќе бидат проследени до оптимизирана работна група која што ќе ги подготви соодветните законски измени што ќе придонесе кон унапредување на законската рамка која го уредува работењето на Судскиот совет. Со предложените измени меѓу другото се сугерита зајакнување на критериумите за избор на членови на Судскиот совет, изборот да се врши од Независна комисија за спроведување на изборот по примерот на ДКСК, како и заострување на критериумите за избор на членови на ова тело од редот на истакнати правници што ги предлага Собранието тие да бидат со најмалку 20 годишен стаж и да доаѓаат од првите три рангирани универзитети во земјава. Се предлага поконкретно дефинирање на постапката за престанок на мандатот, односно за разрешување на членовите на Судскиот совет. Беа изнесени и предлози за депрофесионализација на членовите на Судскиот совет, што би им овозможило да извршуваат судска дејност, а не како сега – да им мирува судиската функција.

Тркалезна маса за потребата од измени и дополнувања на Законот за Судскиот совет заради адресирање на препораките од Оценската мисија за Судскиот совет ја организираше Министерството за правда во соработка и со поддршка од проектот Поддршка на ЕУ за владеење на правото. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ