петок, 26 јули 2024
Интервју

Филиповски: Љубовта кон рок музиката, винилите, новинарството и пишувањето ме следи цел живот

Јас сум страстен колекционер, сакам музика на секакви носачи на звук. Целиот мој ден е проткаен со музика, вели музичкиот новинар, авторот на четирите рок енциклопедии и колекционерот Тошо Филиповски. Тој во својата колекција поседува околу 4.000 грамофонски плочи, околу 7.000 цедеа и приближно 1.000 касети, а сопственик е и на продавницата за плочи „АпоТека“.

Објавено на

часот

Сподели

„Имам и уште една пасија а тоа е собирање на сѐ и сешто низ децении наназад, што би значело флаерче, влезница од концерт, плакат и така работите се собираа и собираа, вели Филиповски.

Музиката е нешто што го следи целиот негов живот, а особено македонската рок –  музика во која, како што раскажува, влегол уште во осумдесеттите како дел од својот бенд – „еден од пионерите на хардкор звукот во Македонија тогаш“.

„Љубовта кон македонската музика постоела отсекогаш, веројатно и таа ме инспирирала да се навлечам на она што на почетокот го кажав, преслушување на грамофонски плочи, слушање на музика, таму некаде почетокот на осумдесеттите се појавија и сериозни, значајни македонски бендови“, раскажува Филиповски.

На почетокот на осумдесеттите години, за време на неговото детство, винилот, односно грамофонските плочи, бил најрелевантен носач на звук. Покрај касетите, винилите биле она што луѓето го користеа како медиум за да дојдат до добра музика. Па така и тој, на свои 13, 14 години, како што вели, се заразил со музика, и таа љубов кон грамофонската плоча не престанала до денеска.

„Поминаа токму 40 години откога првпат купив една сингл плоча од една пообскурдна, иако легендарна словенечка група „U.B.R – Uporniki bez razloga“. Синглот се нарекуваше „Corpus Delicti “ и толку бев фасциниран од таа плоча и толку големо влијание направи на мене и на мојот живот и на се она што денеска го работам, од што во 1994 произлезе мојата прва компилациска касета која ја именував по тој сингл, како и мојата дискографска куќа која и ден денеска функционира. Сега објавувам винили Corpus Delicti Rekords, како што беше тој сингл којшто ме воодушеви во 1984 година“, вели тој.

Во однос на тоа која плоча му е најдрага Филиповски истакна дека не би можел да издвои една или две, а како плочи на коишто често се навраќа и ги преслушува ги истакна „Field Day“ на „Dag Nasty“, компилацијата „Welcome to 1984“ на „Alternative Tentacles“ и албумот „Lo spirito continua“ на италијанскиот бенд „Negazionе“. За нив вели дека се помалку познати бендови и помалку познати плочи кои на некаков начин оставиле сериозно влијание врз градењето на неговите музички критериуми.

„Во еден период кога работев по медиуми, значи особено радио медиуми, добивав многу музика од цел свет. Немав некоја потреба да набавувам скапи изданија, иако ретките изданија на плочи знаат да бидат сериозно скапи, така што не сум сигурен дека сум издвоил некоја поголема сума од стотина евра што можеби изгледа скапо меѓутоа плочите знаат понекогаш да бидат и по илјада и повелќе илјади евра. Секоја плоча која што сум ја сакал сум имал можност да ја набавам и не сум имал некој сериозен проблем“, истакна тој.

Вели дека можеби првото, оригиналното издание од плочите што ги сакал не бил во можност да го набави и наместо него го има она издание што му било достапно.

„Не сум од тие кои што ќе знаат да потрошат години и години и сериозна сума на пари за да го најдат токму она прво издание коешто ќе значи нешто во колекцијата. Повеќе сакам да имам музика отколку да имам некое ретко издание, иако имам“, нагласи тој.

Тошо е автор на книгите „Македонска рок енциклопедија“, „Македонска дискографија – винили 1958 – 2019“, „Македонски рок – времеплов“ и „Мизар – Откривенија 1981 – 2021“, за кои што вели дека произлегуваат од неговите две паралелни искуства на собирање, на новинарство и пишување за македонската музика.

„Имајќи ги тие две паралелни искуства на собирање, на новинарство, на пишување за македонската музика, едноставно и годините дојдоа, созреав како личност и како новинар, па дојде и моментов којшто значеше дека е време голем дел од таа македонска музичка историја, од нејзиното минато, да се стави на некаков документ. Имајќи го притоа фактот дека досега, до објавата на мојата прва книга ‘Македонската рок енциклопедија’ во 2018 година не постоеше некој таков документ на којшто ќе можат на едно место да бидат собрани, да речеме, биографии на сите оние бендови што низ децении и децении, а зборуваме за шест децении, твореле на македонската музичка сцена“, вели Филиповски.

Тој нагласи дека со мала поддршка од Министерството за култура во 2018 година е објавена неговата прва книга, а потоа година за година следуваа уште четири изданија, а најави и дека работи на ново.

„Ми се чини дека веќе трудот вложен во генерално собирање и подредување на огромен корпус на таков материјал којшто го поседувам лично само беше прашање на време колку ќе ми биде потребно за секоја наредна книга да ја обработам или да осмислам некоја тема која заслужува на ваков печатен материјал, во една книга што за некои сегашни гелерации е малку ‘old scool’, повеќе преферираат веројатно дигитална форма, меѓутоа јас сум од онаа постара генерација која смета дека пишаниот збор најдолго трае и книгата е вистинскиот документ за да потврди, за да сведочи за едни минати времиња за некои идни генерации“, вели Филиповски.

На 15 декември во „Екс-ЈУ рок-центар“ во Сараево, Босна и Херцеговина, беше отворена изложбата на која во наредните три месеци ќе бидат изложени неговите артефакти посветени на македонската рок – музика.

„Имам и издавачка куќа, и тоа големо богатство на аудио материјал, бендови што низ децениите снимале, а немале можност да објават материјали. Пред неколку години започнав со една серија на винилни, грамофонски плочи, објава на грамофонски плочи на кои го поставувам тој материјал, го ставам достапен за јавноста и третиот момент за којшто сум сериозно заинтересиран и за којшто вложувам многу време, средства и љубов е покажување на јавноста на сите тие артефакти кои низ годините сум ги собрал, дел од нив сум ги ставил во книгата, но ова е сега една визуелна комуникација со публиката, можност таа и да ги види тие рачно испишани текстови на некои култни македонски песни, златни плочи па дури на изложбата поставив и некои одела, лична гардероба од седумдесеттите, гитари, инструменти, плакати, влезници, насловни страници на плочи, оригинални фотографии и уште мал милион други работи“, вели тој.

Како што истакна, изложбата е поставена во Сараево каде што веќе една година функционира „Екс-ЈУ рок-центар“, односно музејот на музиката, чијашто „60 години македонска рок музика“ е четврта изложба.

„Ја местев неколку дена, меѓутоа сум презадоволен затоа што ми се исполнија очекувањата и желбата историјата на македонската музика искажана, покажана низ артефакти да биде соодветно претставена, што би значело сериозни музички витрини во коишто зад стакло, под клуч се држат тие артефакти прекрасно наредени, телевизиски презентации на видеоспотови, нешто што сум сонувал да го остварам ми се пружи можноста сега во Сараево“, истакна Тошо со надеж дека таа изложба ќе може да ја пренесе и кај нас.

На изложбата во „Екс-ЈУ рок-центар“ во Сараево, како што истакна, изложен е само еден мал дел од неговите 400, 500 артефакти кои ги поседува и сака во поголем обем да ги изложи кај нас, во Музеј на современа уметност, каде смета дека би било најсоодветно, бидејќи „македонската рок – музика е една уметност која е шест децении присутна на македонскиот културен простор“.

МИА

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ