Филипче јасно ја отфрли можноста за поврзување со ДУИ и ја нагласи потребата од политики кои обединуваат, а не делат. Тој ја обвини ДУИ за политички практики кои го спречуваат напредокот на Македонија.
„ДУИ продолжува со овие практики, а ВМРО-ДПМНЕ само профитира и ја подгрева ситуацијата. Иако јавно ги осудуваат и тврдат дека се во конфликт, нивната неформална соработка е повеќе од очигледна. Претходните заеднички гласања во Собранието, како и мистериозното бегство на Артан Груби, за кое добивме смешни објаснувања од МВР, само ги потврдуваат сомнежите дека имаат заткулисни договори“, рече тој.
Филипче истакна дека оваа соработка создава политичка нестабилност и ги нарушува меѓуетничките односи.
„Последните настани, како инцидентите на Денот на албанското знаме, се директен резултат на ваквата политика на поделби и провокации. Ова не е патот што Македонија треба да го оди. Наместо да зборуваме за економски напредок, интеграција во ЕУ и подобар живот за граѓаните, постојано се враќаме на теми кои создаваат тензии и конфликт“, додаде тој.
Во однос на идната соработка со албанските партии, Филипче подвлече дека ќе се базира на заеднички вредности и транспарентност. „СДСМ ќе работи со партии кои ги споделуваат нашите заложби за транспарентност, реформи и градење политики кои ги обединуваат граѓаните, а не ги делат. Нема да дозволиме етничките прашања да се користат како алатка за прикривање на корупцијата или неспособноста“, заклучи тој.