понеделник, 21 октомври 2024

Филипче: Работниците бараат повисоки плати, a не СДСМ, работа на Мицкоски е да ги обезбеди

Приказни за мали деца се дека нема пари во буџетот за повисоки плати, а барањата за зголемување на платите потекнуваат од работниците па премиерот Христијан Мицкоски тоа мора добро да го знае, изјави денеска во Струмица лидерот на СДСМ, Венко Филипче од кого новинарите побараа одговор на изјавата на премиерот дека синдикатите се синхронизираат со СДСМ за барањата за повисоки пати.

Објавено на

часот

Сподели

Според Филипче, покрај тоа што премиерот мора да знае дека на работниците им следуваат повисоки плати, негова обврска е тоа зголемување добро да го испланира.

„Премиерот мора добро да испланира во буџетот како ќе продолжи да ги зголемува платите на работниците, а не да се обидува да продолжува со политиката од едно минато време, од минатото владеење на ВМРО-ДПМНЕ кога Северна Македонија беше рај на евтина работна сила“, истакна Филипче.

Претседателот на СДСМ потсети дека во времето на СДСМ и покрај кризите во кои функционирала државата – ковид, економска и енергетска криза секогаш имало пари за работниците. Филипче постави една хипотетичка ситуација – што би се случило доколку сега Владата на ВМРО-ДПМНЕ се соочи со криза?

„Можете да замислите што ќе се случи ако такви кризи ѝ се случуваа сега на оваа влада? Таа не може да се снајде во овие услови кога нема некаква криза што да мислиме ако повторно настане некаква криза. Што ќе биде со државата ако ВМРО-ДПМНЕ ја води владата и државата во време на некаква криза. Веројатно некаков ‘гејм овер’, крај на играта“, вели Филипче.

Тој потенцира дека граѓаните и работниците знаат дека тие се природен партнер на Социјалдемократскиот сојуз и дека и во најтешките времиња СДСМ секогаш се грижи за работниците и за подобрување на нивниот стандард и услови за живот.

На прашањето дали СДСМ ќе ја поддржи интерпелацијата на собранискиот спикер Африм Гаши, Филипче рече дека во текот на оваа недела ќе имаат координација со пратеничката група и ќе заземат став.

Според него, главно прашање е зошто ВМРО ДПМНЕ не почне постапка да се смени Гаши во контекст на сите најави и изјави на владејачката партија за одговорно работење на секој функционер којшто е поставен на одговорна функција.

„Секојдневно слушаме како премиерот зборува за одговорност, за одговорна работа, а МВР детектираше и го стави на писмен документ несоодветното однесување и неправилно постапување на собранискиот спикер. Со тоа падна во вода ветувањето на ВМРО ДПМНЕ за одговорно владеење“, изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ