четврток, 23 мај 2024

Филипче: Понудата на ЗНАМ е направена со цел да биде одбиена, таа не е искрена 

Во својот вечерашен говор на централниот митинг на СДСМ и Коалицијата за европска иднина во Радовиш, Венко Филипче рече дека поранешниот сопартиец Максим Димитриевски нема чесни намери во неговата понуда кон СДСМ. „Понудата на ЗНАМ кон СДСМ не е реална понуда. Ваквата понуда е очекувано да биде одбиена од кое било раководство на партијата. Таа е направена со цел да биде одбиена. Нема чесни намери во делувањето на Максим Димитриевски кон СДСМ или членовите на партијата за кои наводно го болело срцето. Неговиот предлог, кој повеќе личи напишан во штабот на ВМРО-ДПМНЕ, е само алиби да ја оправда коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ, во која е ефективно уште од 2021 година“, рече Филипче.

Објавено на

часот

Сподели

Ваквото делување на Димитриевски, вели Филипче не е социјалдемократско бидејќи вистинските социјалдемократи не бегаат и не се обидуваат да ја поделат СДСМ.

„Секој кој вистински ја поддржува СДСМ, кој е социјалдемократ и верува во вредности на слобода, правда, еднаквост, не може и не смее да остане рамнодушен на оваа состојба. Сите добро знаат што значи слаб и поделен СДСМ за иднината на државата. Тоа значи власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ без контрола, насилна власт која ќе злоупотребува и гази сè пред себе. Ова не го кажувам за да заплашам никого. Ова го кажувам затоа што во ВМРО-ДПМНЕ нема суштинска промена. А кога нема суштинска промена не може да се очекува различно владеење“, рече Филипче.

Тој ги повика поддржувачите, оние што се разочарани од СДСМ и оние кои планираат да не гласаат поради револт кон партијата да ја согледаат ситуацијата и дали има алтернатива на стратешкиот европски колосек на кој СДСМ ја постави државата.

„Ниту една грешка на СДСМ не е толку голема за да го оставиме ВМРО-ДПМНЕ да нè враќа назад како држава. Ниту една грешка не е толку голема да ги оставиме да нè понижуваат и потценуваат“, порача Филипче и додаде дека јунаците се препознаваат кога е тешко и токму затоа победите имаат многу татковци, а поразот само еден.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ