среда, 19 март 2025

Филипче: Нема да дозволам политизирање на овој процес, исто како што нема да дозволиме некој да биде поштеден за трагедијата во Кочани

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, порача дека трагедијата што ја потресе земјата не смее да остане без одговорност. Тој истакна дека довербата во институциите е разнишана и дека граѓаните заслужуваат вистина и правда.

Објавено на

часот

Сподели

„Ние сме денеска рането општество, довербата во институциите е сериозно нарушена. Ако сакаме да ја вратиме, мора да спроведеме целосна, транспарентна и објективна истрага. Никој не смее да биде поштеден – ниту актуелни, ниту поранешни функционери или службеници. Ова не е прашање на политика, туку прашање на вистина и правда“, порача Филипче.

Тој апелираше до истражните органи и обвинителството редовно да ја информираат јавноста за текот на истрагата.

„Не смее да остане ниту најмала сенка на сомнеж. Ако постои дури и најмала индиција дека некој се штити, тоа ќе биде удар врз целото општество. Обвинителството мора да информира редовно – ако треба и двапати на ден – за секој чекор во истрагата. Граѓаните имаат право да знаат“, истакна Филипче.

Тој нагласи дека одговорност мора да има за секого, без исклучок.

„Потребна е одговорност од секој еден. Ова не е време за политички пресметки, туку за единство. Треба да покажеме човечност и солидарност. Ветувам дека нема да дозволам политизирање на овој процес, исто како што нема да дозволиме некој да биде поштеден. Како опозиција, будно и интензивно ќе го следиме процесот за да обезбедиме дека правдата ќе биде задоволена“, заклучи Филипче.

СДСМ останува посветена на транспарентноста, вистината и одговорноста за сите инволвирани во овој трагичен настан.

Во тој контекст, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, порача дека партијата останува посветена на откривање на вистината и обезбедување правда по трагичниот настан што ја потресе земјата.

„Ние сме одговорна и државотворна партија. Ќе излеземе во пресрет на сите иницијативи што водат кон идентификување на причините. Истовремено, како партија го нудиме целиот наш капацитет – човечки и интелектуален – за да помогнеме во овој процес“, истакна Филипче.

Тој нагласи дека ова е момент кога општеството мора да биде сплотено и дека секој акт на морална одговорност ќе биде поздравен.

„Сега не е време за поделби. Треба да покажеме верба во принципите, во правдата и во институциите. Секој што носи одговорност мора да се соочи со последиците, а секој чин на морална одговорност е добредојден“, рече Филипче.

Дополнително, тој апелираше до безбедносните служби внимателно да ги следат состојбите и да спречат евентуални обиди за продлабочување на кризата.

„Нашето мултикултурно и мултиетничко општество не смее да биде жртва на несигурност и тензии. Институциите мора будно да следат и да спречат секоја можна дестабилизација“, предупреди Филипче.

Во заклучок, тој истакна дека трагедиите можат да уништат, но и да зајакнат едно општество.

„Од нас зависи како ќе излеземе од оваа трагедија – како држава што научила лекција и донела правда, или како општество што дозволило ова да се заборави. Вечна им слава на починатите. Македонскиот народ нема да ја заборави оваа трагедија, а наша обврска е да осигураме дека никогаш повеќе нема да се повтори“, заврши Филипче.

СДСМ останува доследна на својата одговорност и поддршка во оваа тешка ситуација.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ