недела, 20 октомври 2024
Изјави на лидерот на СДСМ

Филипче: Кредитот на Мицкоски од Унгарија е корупциски со последици за идните генерации

Кредитот од Унгарија што го договори премиерот Мицкоски е корупциски кој затоа се настојува да се озакони по итна постапка во Собранието, изјави лидерот на СДСМ, Венко Филипче, според кого ќе се увиди неговата штетност, но како што нагласи, каматите ќе ги плаќаат и идните генерации. Во врска со тврдењата од ВМРО-ДПМНЕ за зголемување на неговата имотна состојба, Филипче ги повика антикоруционерите да го испитаат случајот и потоа, како што нагласи, ќе очекува извинување од премиерот и лидер на таа партија.

Објавено на

часот

Сподели

Станува збор за сериозен закон за задолжување, и тоа по скратена постапка за да нема доволно време за дискусија, ниту за анализа од страна на експертите и експертската јавност, рече Филипче.

„Тој закон помина на Влада на 3 септември и очигледно дека цела недела и повеќе се крие од јавноста. Се поставува прашањето зошто се обидуваат на таков шверцерски начин тој закон да го протнат во Собранието по скратена постапка“, постави прашање Филипче во својата изјава.

Според него, корупцијата во овој закон се гледа во тоа што фирмата која ќе биде одговорна за провизиите ја назначува унгарската банка која што ги дава парите.

„Секогаш кога имало некоја меѓународна куќа, таа била етаблирана, позната меѓународна куќа и ја обезбедувала државата со цел да се заштити. Сега некој друг ни кажува кои адвокати и која фирма ќе ги земат тие провизии. За жал, сметам дека ова е еден голем корупциски проект којшто е озаконет, генерации и генерации ќе плаќаат понатаму камати. Многу внимателно ќе следиме кои ќе бидат тие фирми и ќе бидат одговорни за провизиите со цел сите работи кои ќе ги откриваме да ги презентираме во јавноста“, рече Филипче.

Во врска со наводите од ВМРО-ДПМНЕ за зголемување на неговиот имот во споредба од периодот кога бил министер, Филиче рече дека нема ништо спорно, но наглси дека откако ќе се потврди случајот, ќе очекува извинување од премиерот.

Тој нагласи вели дека е добро што од ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесат претставка до Државната комисија за спречување на корупцијата.

„И, откако Државната комисија за спречување на корупцијата ќе го анализира случајот, а апелирам тоа да се случи што побрзо и да излезат со став и да кажат каква е фактичката ситуација, ќе барам од премиерот Мицкоски јавно да ми се извини, исто како што излезе во јавноста во текот на вчерашниот ден на интервју да ја каже таа лага“, рече Филипче запрашан од новинарите во врска со двата негови имотни листови кои вчера ги презентираше ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, неговиот имотен лист е идентичен, односно кога ќе се види вкупниот имот и истата квадратура, а единствената разлика е во начинот на пријавување.

„Во претходниот имотен лист не се става, а сега има простор да се стават имотни листови како документи. Кога ќе се анализира сето тоа ќе се види дека е исто“, рече Филипче, кој во Струмица присутвуваше на промоцијата на градскиот електричен превоз во Струмица.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ