среда, 12 јуни 2024

Филхармонија на концерт со црвен картон за Министерството за култура

Објавено на

часот

Сподели

Овој пат, лентите не беа заврзани на рацете на музичарите, „за да се поштедиме од нови паушални толкувања во јавноста“, велат од Филхармонија. Црвените ленти беа закачени на облеката и имаа форма на музичка снижувалка само едно значење – црвен картон за Министерството за култура.

„Последниве три месеци откако беше донесена одлуката за сместување на уште една институција во објектот на Филхармонија, реномето и угледот на најстарата културна институција во земјава се целосно нарушени, а директни виновници за тоа се Министерството за култура и Владата на Македонија кои наместо да го решат проблемот, немо и без никаков интерес уште повеќе го продлабочуваа.

Губиме публика, бидејќи некој свесно дозволува да се валка угледот на нашата институцијата, макотрпно граден од генерации македонски музичари во изминативе речиси осум децении. Секоја нормална држава во светот се гордее со своите институции кои градат историја во културата, а нашата држава, за жал, со својот однос покажува дека тоа не ѝ е важно, и дека е подготвена поради штотуку „родена“ институција, да ја згази и поништи историјата градена со децении.

Наместо да се гордее со изградената концертна сала за Филхармонија, бидејќи многу земји во регионот допрва работат на реализација на вакви историски проекти, нашата држава сака да ја измени првичната намена на објектот и да ја претвори нашата концертна сала во „Универзална“. Токму таков наратив имаа фиктивните приказни преку кои некој сакаше да ѝ го „испере“ мозокот на јавноста дека објектот на Филхармонија, наменски изграден за оркестарот на Македонската филхармонија, сега, преку ноќ, треба да стане „Линколн центар“ или „Лисински“.

Новинарите, но и претставниците на власта ќе имаат отворена можност на 24 јуни да го прашаат и маестро Зубин Мехта зошто толку ревносно ја поддржува идејата за изградба на сопствен дом на Белградската филхармонија? Исто така може да ги прашаат и нашите колеги од Белградска филхармонија, дали ќе поддржат друга институција „привремено“ да се вдоми во нивната нова концертна сала која допрва почна да се гради? И дали ќе дозволат откако ќе се изгради за нив, да ја претворат во „Линколн центар“ или „Лисински“?

Ние немаме пиар машинерија да се бориме против дезинформации и лажни вести, затоа протестираме, и тоа ќе го правиме се додека не се промени одлуката за сместување на уште една институција во објектот кој наменски е изграден за да ги задоволи потребите на нашиот оркестар.

Министерството за култура и Владата во ниту еден момент досега не застанаа на наша страна, ниту не одбранија од срамните напади во јавноста, напротив преку својот молк уште повеќе го поттикнаа јавното валкање на угледот и реномето на нашата институција. Некои поединци во Владата отворено на социјалните медиуми влегоа во паушално толкување на жолтите ленти, без да не прашаат што ни значат. Некој оттаму, на својот фејбук профил бесрамно напиша „Филхармонија срами се!“. Истите тие поединци, но и Владата се дел од иницијативата „Отворен Балкан“ (во чии рамки нашата институција го организира гостувањето на Белградска филхармонија со маестро Мехта во Скопје) која меѓу другото се залага за создавање културни мостови меѓу земјите во регионот (Србија, Албанија и Македонија).

Какви културни мостови гради нашата држава? Дали гради, или урива?
Нашата држава, преку својот однос кон Филхармонија во последниве три месеци може да се пофали само со фактот дека успешно сруши мостови/пријателства меѓу довчерашни колеги и дека немо гледаше како дел од јавноста, со нивна помош го руши угледот и реномето на институцијата која следната година слави 80 години! 

Државата не ја заштити својата најстара културна институција со која до пред три месеци се гордееше, и дозволи преку ноќ, вработените во Филхармонијата да станат озлогласени, разгалени, себични, арогантни, суетни несолидарни..
Ние, немаме од што да се срамиме, нашата борба не е лична, ниту политички ангажирана! Политичка е донесената одлука за привремено сместување на втора институција во објектот на Филхармонија! Ние се бориме за нашата концертна сала, која конечно ја добивме по 73 годишна борба и „привремен“ потстанарски живот во Домот на АРМ.

Затоа, бараме што поскоро, Министерството за култура и Владата да се заложат за промена на одлуката во наша корист, за да се намали штетата која и е нанесена на нашата институција во последниве три месеци.
Или, можеби, нашата држава, која досега не покажа интерес за решавање на проблемот, не се срами да признае дека не ѝ е потребен единствениот симфониски оркестар“, се вели во соопштението на вработените на Македонска Филхармонија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ