Фидан нагласи дека Турција цврсто ја поддржува Македонија од осамостојувањето и дека така и ќе се продолжи.
„Северна Македонија има посебно место за мене и верувам дека отоманското наследство е значаен дел од културното наследство на земјава и ќе продолжиме со соработка во таа област“, рече турскиот министер.
„Турската заедница овде силно нè поврзува, како Камениот мост во центарот на градот. Посакуваме да имаме мир и стабилност на целиот Балкан и како Турција сме активно вклучени во тоа. Затоа активно ќе ја зголемиме соработката со Северна Македонија“, нагласи Фидан.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, кој е домаќин на турскиот колега Фидан, на заедничка прес-конференција изјави дека Турција е наш докажан пријател и НАТО сојузник. Денешната посета, Муцунски ја оцени како значаен момент во билатералните односи, како и дека како прва посета на странски министер за надворешни работи од неговото стапување на функцијата, како што нагласи, е силна потврда за се посилното стратешко партнерство.
„Традиционално добрите односи позитивно влијаат на економската соработка. Со Турција споделуваме заеднички ставови и за безбедносни и регионални прашања. Посебно го запознав со нашиот евроинтеграцискиот пат, со посебен акцент дека предвидливост е многу важна“, изјави Муцунски.
Од својата независност, посочи Муцунски, нашата држава можеше да се потпре на Турција како наш пријател и поддржувач за остварување на нашите стратегиски цели.
Фидан, како што е најавено, ќе го посети и Собранието каде ќе има средба со спикерот Африм Гаши.