сабота, 21 декември 2024

Фицо: Јасно е дека се соочуваме со гасна криза благодарение на Зеленски

Премиерот на Словачка Роберт Фицо предупреди на можноста од гасна криза бидејќи Украина одбива да го продолжи договорот за транзит на природен гас низ нејзина територија по крајот на оваа година, кога ќе истече, пренесува Ројтерс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Украина постојано најавуваше дека нема да го продолжи договорот со Русија за транзит на гас, бидејќи двете земји се во војна.

Словачка, која има долгорочен договор со рускиот гасен гигант Газпром, се обидува да продолжи да добива гас преку Украина, бидејќи тврди дека купувањето на друго место би ја чинело 220 милиони долари повеќе за транзитни трошоци.

Фицо ова прашање го покрена на 19 декември на самитот на Европската Унија во Брисел, на кој присуствуваше и претседателот на Украина, Володимир Зеленски, кој повтори дека неговата земја нема да дозволи натамошен транзит на руски гас низ нејзината територија.

„Јасно е дека се соочуваме со гасна криза благодарение на претседателот Зеленски“, рече Фицо вчера на прес-конференција во Братислава, без дополнително појаснување.

Фицо претходно го отфрли предлогот на Зеленски дека Киев би можел да размисли за продолжување на транспортот на руски гас – под услов Москва да не добива профит за испораката на гориво додека не заврши војната.

Европската комисија соопшти дека нема интерес рускиот гас да продолжи да тече низ Украина.

Фицо ја посочи можноста неговата земја да разгледа „реципрочни мерки“ доколку не продолжи транспортот на гас преку Украина.

Во последниве години, Словачка ѝ дава на Украина енергија, како што се струја и гориво, а обезбедува и хуманитарна помош за својот сосед.

Меѓутоа, владата во Словачка се смени. Новиот премиер Фицо ја укина државната воена помош за Киев и смета дека нема решение за војната во Украина. Тој ги критикува и санкциите против Москва.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ