сабота, 27 јули 2024

Фицо е во стабилна, но сѐ уште тешка состојба, рече директорката на болницата во Банска Бистрица

Лекарите во текот на ноќта успеале да ја стабилизираат состојбата на словачкиот премиер.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Лекарите во текот на ноќта успеале да ја стабилизираат состојбата на словачкиот премиер Роберт Фицо по вчерашниот атентат во градот Хандлова, но тој сѐ уште е во тешка состојба, соопшти денеска директорката на болницата во Банска Бистрица, Миријам Лапуникова.

Фицо беше хоспитализиран, а два медицински тима го оперирале словачкиот премиер пет часа. „Во моментов се преземаат дополнителни активности за подобрување на неговата состојба“, рече словачкиот министер за одбрана Роберт Калињак.

Словачкиот министер за внатрешни работи Матус Шутај Ешток денеска побара од вицепремиерот Томаш Тараба да го свика Советот за национална безбедност, а Владата ќе одржи седница. Министерот за внатрешни работи информираше дека ќе ја зајакне заштитата на политичарите и на одредени медиуми, пренесоа словачките медиуми.

Министерот ова го изјави на прес-конференција во болницата каде што Фицо беше опериран по вчерашниот атентат во градот Хандлова, во кој беше тешко повреден кога напаѓачот пукаше во него пет пати, по што полицијата веднаш го приведе. Премиерот беше префрлен во болницата во Банска Бистрица во многу тешка состојба. Словачките медиуми објавија дека напаѓачот бил 71-годишниот писател Јурај Цинтула.

Матус Шутај Ешток изјави дека нападот врз Фицо бил политички мотивиран и дека напаѓачот ја донел одлуката по претседателските избори пред повеќе од еден месец. На социјалните мрежи кружи видео на кое се гледа Цинтула во ходник, со повреда на главата, како вели „Не се согласувам со политиката на владата“.

Потоа се слуша машки глас што го прашува притворениот Цинтула што одлучил да направи во врска со тоа. „Медиумите се ликвидираат. Зошто беше нападната Радио-телевизија Словачка (РТВС)? Зошто беше разрешен судијата Мазак (поранешен претседател на Судскиот совет)“, прашува Цинтула, по што снимката завршува.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ