вторник, 24 декември 2024

Фатмир Дехари од ДУИ е веројатен кандидат за претседател на Македонија

Градоначалникот на Општина Кичево, Фатмир Дехари ќе биде кандидатот на ДУИ за претседател на Македонија, дознава МКД.мк од високи партиски ивори. Неговата кандидатура се очекува да биде објавена во текот на неделава, најверојатно уште утре, откако ќе мине низ филтрите на ДУИ и со согласност на лидерот Али Ахмети, кој дефинитивно не ги прифатил сугестиите на високи функционери тој самиот да му биде противкандидат на Арбен Таравари од опозициската коалиција на Албанците.

Објавено на

часот

Сподели

Името на Дехари циркулира во разговорите на функционерите кои ја разменуваат пораката „Ахмети ја носи веста“ и велат, последниот збор ќе го има лидерот Ахмети кој можеби, додаваат, уште размислува дали е посоодветно сепак за кандидат што ќе ја трча претседателската трка да биде потпретседателот и министер за надворешни работи, Бујар Османи.

Високи партиски функционери брифираат дека Османи за Ахмети е најпретставителен, дека е тоа човекот кој најдобро досега ги претставувал и ДУИ и државата на внатрешен и надворешен план и дека последниот кредит му е успешното претставување на Македонија на чело на ОБСЕ, како и организацијата на Самитот во Скопје на оваа безбедносна организација кој беше и најголем собир на светски државници досега во независна Македонија.

Oд друга страна пак, ДУИ го смета Дехари за многу успешен политичар и особено за успешен градоначалник чие име не се слуша во негативен контекст. Може да се рече, велат партиски ивори, дека Дехари и Ахмети се добри пријатели и дека потекнуваат од ист крај, односно родниот Зајас на Ахмети припаѓа на Општина Кичево.

Фатмир Дехари бил порано телохранител на Ахмети и член на военото раководство (генералштаб) на ОНА (УЧК), по 2001 година е функционер на ДУИ. Во периодот 2002-2006 година е заменик министер за внатрешни работи, а подоцна е ангажиран и во УБК. Градоначалник стана во март 2013 година. Дехари победи и на локалните избори во 2017 и 2021 година.

Во неговата биографија пишува дека дипломирал на Универзитетот во Приштина во 1998 година, каде потоа работи како наставник во училиште до 2001 година.  Во 2015 година докторирал Социјална политика на Универзитетот во Тирана на Факултетот за општествени науки – Катедрата за социјална политика и работа. Предавач e на Државниот универзитет во Тетово. Има познавања на францускиот, англискиот и српско-хрватскиот јазик, пишува во неговата биографија. Оженет е и има три деца.

Дехари во март минатата година, организираше голема прослава во Кичево по повод десетте години „албанско владеење со Кичево“, а под мотото „„10 години гордост“.

П.Џ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ