сабота, 19 октомври 2024

Фармацевтскиот факултет се поднови со опрема што ќе открива фалсификувани лекови

Фармацевтскиот факултет во Скопје денеска пред јавноста ја презентираше новата софистицирана опрема што ќе се користи за научни цели во повеќе области на фармацијата, како и за откривање на фалсификувани лекови. 

Објавено на

часот

Сподели

На денешната презентација на новата лабораториска опрема и резултатите од научно-истражувачките проекти, што имаат значаен придонес во научно-истражувачката дејност и воопшто во развојот на фармацевтската индустрија деканот на факултетот Зоран Стерјев, кажа дека станува збор за пет научно истражувачки проекти на факултетот, а вредноста на набавената опрема изнесува 450 илјади евра.

„Набавената опрема овозможува и имплементација на нови стандардни аналитички постапки од областа на молекуларната биологија, генетиката и фармакогенетиката“, рече Стерјев.

Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири рече дека МОН преку посебен конкурс финансиски ја поддржало набавката на опремата и реализацијата на овие проекти со над 23 милиони денари.

„Повеќе високообразовни и научни установи во изминатите две години добија средства за набавка на современа лабораториска опрема, а дел добија и средства за финансирање на научни проекти од посебен јавен интерес и за сето тоа одвоивме над 240 милиони денари. Ова се средства со кои ја поддржуваме работата на научно – истражувачките работници и го стимулираме развојот на науката“, подвлече министерот.

Факт е, како што кажа Шаќири, дека само со висококвалитетни истражувачки капацитети можеме да генерираме нови знаења, да поттикнеме иновации, да развиваме проекти со научно значење, но и со придонес за економскиот раст и развој на државата.

„Верувам дека новите ресурси на Фармацевтскиот факултет успешно ќе ги користат, не само истражувачи од матичниот факултет, туку и од целиот Универзитет и оти овие лаборатории ќе произведат следни генерации врвни фармацевти и научници, на кои ќе бидеме горди и кои ќе придонесат за просперитет и благосостојба на нашата држава“, нагласи Шаќири. 

Премиерот Димитар Ковачевски рече дека држава која инвестира во науката, инвестира во својата иднина, раст и развој, инвестира во образовани кадри кои се конкурентни во светски рамки. 

„Заложбите на Владата се да образуваме кадри, но, не да ги образуваме кадрите за извоз, туку да работат тука во нашата држава. Драго ми е што бев информиран од деканот и професорите овде на фармацевтскиот факултет дека новата опрема со која се прават навистина софистицирани анализи како што се користи во практични цели, така се користи и во научни цели, со оглед на тоа дека резултатите од истражувањето се користат за научни истражувања на професорите, но и за подготовка на дипломски, докторски, магистерски студии на студентите кои студираат на овој престижен факултет“, рече премиерот.

Тој кажа дека за првпат по 10 години, во 2021 година е спроведен Конкурс за финансирање на научно-истражувачки проекти за јавните научни установи и одобрени се седум проекти од јавен научен интерес во износ од над 300 илјади евра на седум јавни научни установи во државата. 

„Спроведен е и Конкурс за набавка на опрема за лаборатории и акредитација на лаборатории за сите субјекти кои вршат научно-истражувачка работа во рамките на кој се одобрени вкупно 44 апликации за финансирање. Дел од овие одобрени проекти се и проектите на Фармацевтскиот факултет, а лабораториите кои работат овде се сертифицирани согласно сите светски и европски стандарди и можат да работат на истражувања кои важат во ЕУ и во другите развиени држави. Се работи за тригодишни проекти, чија вкупна вредност е над 5 милиони евра, во кои над 70 отсто е учеството на државата“, истакна Ковачевски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ