петок, 14 март 2025

Фармацевтско досие за пациентите во рамки на „Мој термин“ никако да профункционира

Трета година се чека воведување фармацевтско досие за пациентите во рамките на „Мој термин“, истакна денеска Билјана Божиновска, магистер фармацевт, член на извршниот одбор на Здружението на приватни аптеки пред почетокот на тридневниот, трет по ред, симпозиум од меѓународен карактер.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

„Потребно е фармацевтско или електронско досие за пациентите, како начин на комуникација помеѓу лекарите и фармацевтите, во интерес на пациентите, за во него да се забележи дали се подига терапијата и како се реагира на неа, има ли несакани ефекти, или пак се пристапува кон самолекување„, појасни Божиновска за МИА.

Барањето било три години доставено до Министерството за здравство, а досието би било во простор од „Мој термин“.

Засега сѐ уште комуникацијата помеѓу лекарите и фармацевтите била преку пациентите, кои не секогаш соодветно пренесувале информации. Во случаи на неефикасност во третманот, наместо здравствениот проблем да се реши во примарна здравствена заштита, самолекувањето водело кон секундарни оштетувања, почести болнички хоспитализации. Со тоа имало поголемо финансиско оптеретување и на домашниот буџет и на здравствениот систем, појасни таа за ова барање, што произлегло од првиот симпозиум.

Божиновска истакна дека законот за фармацевтски услуги е донесен, од Фармацевтската комора бил изготвен правилник и доставен до Министерството за здравство, се чекало на тоа, што од тој правилник ќе се усвои. На пример, фармацевт да измери крвен притисок и слично, нешто што веќе постоело во светот.

Џоана Андоноска, претседател на Здружение на приватни аптеки на Република Северна Македонија, на прес-конференција пред симпозиумот, рече дена нивната цел е унапредување на компетенциите и улогата на аптекарите како значајни здравствени работници, советници и партнери на пациентите.

Весна Ставрова, претседател на Фармацевтска комора на Република Северна Македонија, се осврна на напорите за унапредување на статусот на фармацевтите во општеството. Таа исто така проговори за активностите за проширување на услугите што ги вршат во аптеките.

„Таа активност беше започната многу одамна. Минатата година беа изгласани измените во Законот за здравствена заштита. Листата на услуги што е дефинирана од наша страна, од Комората, поднесена е во Министерството за здравство. Исто така, направени се измени во правилникот во однос на простор и опрема што треба да ги има една аптека за да може да ги врши тие услуги, поднесено е во Министерство за здравство. Се надеваме на позитивен одговор“, нагласи Ставрова.

Таа појасни дека услугите нема да бидат плаќани преку Фондот, рече дека ќе се одредат минимални симболични цени, за што пациентите ќе можат да добијат услуга во аптека.

Аријана Мештровиќ, директорка на стручни програми во меѓународната агенција за едукација „Фарма експерт“, со седиште во Хрватска, изрази задоволство од настанот.

„Пациентот е секогаш во центарот на вниманието“, подвлече Мештровиќ.

Вториот симпозиум бил на тема дијабет, а третиот, што е во тек, за аптекарска здравствена заштита, е посветен на хипертензија, дислипидемија и обезност, програма „Смарт (паметен) фармацевт“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ