петок, 18 октомври 2024
Внимавајте со огласите

Фантом-измамничка: Голубинка 5 години заработува со измама нудејќи лажна работа од дома, МВР сѐ уште ја бара

Објавено на

часот

Сподели

Редакцијата на МКД.мк успеа телефонски да позборува со жена, за која не знаеме дали е Николова, но во телефонскиот повик, кој го остваривме по неколку пати упорно ѕвонење, добивме жена што нуди работа. Во разговорот добивме совршена понуда, односно ако има заинтересирани жени за работа за пакување цвеќе, ќе добијат 40.000 денари, а мажите би биле возачи на комби со печурки, кои треба само да се однесат од една до друга дестинација, а за тоа ќе добијат месечна плата од 45.000 денари. Вака-така целата наша редакција можеше да се стокми со дополнителен приход со работа од дома, бидејќи кога прашавме колку луѓе се потребни, ни одговорија „Што повеќе, тоа подобро. Има работа за сите“.

И да, што повеќе тоа подобро, бидејќи секој оној што сака да работи за Николова треба на жиро-сметка да уплати пари како услов да може да работи хонорарно. И така се нижат измами и понуди за работа по социјалните мрежи, по интернет-страниците за огласи, се отвораат фејсбук-профили, се уплатуваат пари, но работа никој не доби.

За нашето истражување уплативме и ние, свесни дека се работи за измама. Но за да ги знаеме чекорите мораше да ја испочитуваме целата постапка. По телефонскиот повик, уплативме 1.300 денари за Николова, која од нас бараше да ѝ ја пратиме уплатницата, а потоа да чекаме да нѐ повика за работа. Знаевме дека хонорарна работа нема да добиеме, но комунициравме со пораки преку вибер бидејќи само еднаш имавме среќа да ни одговорат од другата страна. Во банка ни беше појаснето дека се работи за физичко лице што подолг период има отворено трансакциска сметка за уплата.

Уплатници, комуникација и телефонски повици направиле уште неколку жени. Дека сте измамени ќе сфатите за неколку дена, кога веќе ќе се исклучат мобилните телефони или ќе бидат деактивирани профилите на социјалните мрежи од каде што се нудела работата.

Голубинка Николова постои и прави кривично дело измама, а ова за МКД.мк го потврдија од Министерството за внатрешни работи (МВР), од каде што ни беше кажано дека нејзиниот идентитет е утврден и дека таа има банкарска сметка, а пријавени се многу вакви случаи. Сумата што таа ја заработила преку нејзино лично име и преку нејзината фирма „Голуб“ со лажните огласи за хонорарна работа не се знае колкава е. Но како да е фантом што точно знае кога да се појави и кога да исчезне. Она што е факт е дека таа никого на сила не принудува да ѝ уплати пари, но измамата постои бидејќи ги доведува луѓето во заблуда за понуда што никогаш не ја исполнува.

Огласите што ги најдовме се однесуваа на работа за пакување кукли од декември 2018 година. Жените што тогаш уплатиле пишуваат да се внимава и укажуваат дека се работи за измама. Огласот на кој ние наидовме, а кој се однесуваше на пакување цвеќе што ви го носат до дома, беше пуштен во јануари 2021 година. Тогаш, во периодот на ковид-пандемијата, кога многумина работеа од дома, а многумина и останаа без работа, во потрага по работа беа многу жени, кои наседнаа на умешните трикови и фината комуникација на оваа измамничка, на која никој не ѝ го видел ликот.

Уште тогаш во време на пандемијата со ковид-19 нашата редакција испрати мејл до МВР со телефонските броеви на жената или жените што нудеа работа. Две години потоа, односно сега во 2023, Голубинка повторно е активна со истиот начин на измама. Овој пат со оглас за пакување миризливи сапуни. Со фотографија од убаво спакуван сапун и со понуда за работа од дома Николова овој пат како примач на пари ни даде име на фирмата „Голуб“, но истата жиро-сметка за уплата. Работата се нуди за жени од Скопје, но и од други градови.

Повторно алармиравме во МВР дека има активни телефонски броеви и дека измамничката повторно е во потрага по нелегална и брза заработка. Од таму овој пат ни одговорија дека направиле проверки и утврдиле дека пријавени се кривично-правни настани, измами и поплаки на ист начин на којшто ние им ја прикажавме и објаснивме оваа измама.

Од страна на Одделот за криминалистичка полиција, Сектор за општ и насилен криминал по добивањето на вашиот допис веднаш е упатено барање од сите сектори за внатрешни работи на територијата на државата, со цел проверка на сомненијата наведени во дописот и преглед на досега реализираните активности во врска со наведениот случај. Од извршените проверки од страна на сите сектори за внатрешни работи е утврдено дека во дел од секторите за внатрешни работи пријавени се кривично-правни настани измами и поплаки кои по начинот на извршување се исти или слични на кривично-правните настани наведени во дописот и во кои како осомничено лице се појавува лицето Г.Н..“, стои во одговорот од МВР.

Од таму додаваат дека од страна на организационите единици во секторите за внатрешни работи по пријавите на наведените настани веднаш се преземени мерки и активности, при што „обезбедени се соодветни доказни материјали, утврден е целосниот идентитет на лицето, известени се надлежните основни јавни обвинителства и по целосното документирање на кривично-правните настани ќе бидат поднесени соодветни поднесоци“.

Но и овој пат надлежните не успеаја да ја најдат Голубинка Николова, која, според нашите сознанија и доказите што водат до неа, цели 5 години активно ја полни сметката преку измама со лажни ветувања.

Додека полицијата ја бара оваа жена, за која не е познато дали работи само со неколку активни телефонски броеви и фејсбук-профили или во измамата се вклучени повеќе лица, испраќаме апел да се внимава со огласите за работа од дома во кои ви бараат да уплатите за да работите.

Во забелешките на социјалните мрежи жените што „наседнаа“ на оваа понуда за работа прашуваа зошто се нуди оглас за работа, а воопшто не ги гледаат пораките.

Нашата редакција доби одговори дека треба да се уплати на жиро-сметката 300007102905255 на АД Голуб со назнака за апликација. Кога прашавме на која адреса треба да дојдеме кога би ја добиле работата за пакување миризливи сапуни, ни одговорија дека стоката ќе ни биде доставена на домашна адреса.

На прашањето зошто не ни се јавуваат ниту на нас, ниту на неколку наши пријателки, ни одговорија: „Ептен ѕвонат, не можам да постигнам. Ѕвонете утре“.

Зад оваа порака имаше толку многу лага и лицемерие, кое водеше до измама. Првите две се карактерни особини и за тоа не се одговара пред законот, но измамата секако е кривично дело. Иако пријавена, сепак нема решение, бидејќи МВР сѐ уште ја бара и не може да ја лоцира Николова.

Апели за измамите на Голубинка Николова и Голуб има и по интернет-форумите, од каде што во една порака една жена пишува дека парите одлетале со „голубот“ на Голубинка, алудирајќи на нејзината фирма преку која ги прави измамите.

„ Уплатив и ништо не бидна, изгорев. Ниту Голубинка постои, ниту агенција. Од кога уплатив, ме блокираа. И тужев и од тоа ништо. Се богати некој на туѓа мака. Го лаже народот, а институциите не сакаат да се заморуваат. Кој нѐ лаже и кој нѐ дере со лажно уплаќање со надеж дека ќе заминеме од државава? Уплатив 20.000 денари за сѐ, за виза, сместување, осигурување, престој, договор. Ем без пари, ем пак си останав во Македонија. Ниту некој пари ќе ми врати, ниту виза ќе добијам. Сѐ е лага, сѐ е измама. Голубинка и Голуб одлетаа со парите на излажаниот народ. Не верувам веќе во ништо. Имам поднесено и за бугарски пасош, ама веќе ни на посредник не давам пари, па што биде нека биде. И тие како Голубинка, само нѐ дерат за пари, ништо не можат да завршат, само џабе ветуваат. Чекам и од таму од 2020 година со ветување дека сѐ ќе се заврши за 6 месеци“, стои во пораката испратена на една од форум-групите.

Од ова, ако е вистина, бидејќи немаме докази туку само порака, може да се забележи дека Голубинка Николова е вклучена и во многу поголеми измами, во кои најверојатно посредува за работа во странство, за што наплатува, според пораката, по 20.000 денари.

Уште колку време ќе помине, дали надлежните ќе ја фатат и ќе биде изнесена пред лицето на правдата останува енигма. Наша задача е и во иднина да следиме дали и каква идеја ќе добие жената-фантом, која се богати на сметка на оние на кои им треба хонорарна работа од дома, и повторно да алармираме до институциите.

 

                                                                                                                                        Катерина Додевска 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ