четврток, 30 мај 2024

Фалсификуваниот мед е постојан проблем, го има ли на рафтовите?

Фалсификуваниот мед е постојано актуелен проблем. Најчесто прстот се вперува кон увозниот мед. Според Државниот завод за статистика, во 2023 година, земјава увезла вкупно 248.531 килограми мед во вредност од 781.308 евра. Потеклото на тој мед е од Турција, Србија, Нов Зеланд, Молдавија и Грција.

Фото: Архива

Објавено на

часот

Сподели

Горан Алексовски од Здружението „Македонска пчела“ и дел од тимот на Лабораторијата за биологија и селекција на медоносни пчели при Факултетот за земјоделски науки и храна (ФЗНХ) за МИА вели дека наведените земји од кои се увезува мед не се анонимуси во таа гранка, туку котираат високо во групата на пчеларски развиени нации.

„Имајќи предвид дека тој мед за да стигне на продажните рафтови мора да ги помине сите законски поставени бариери и да исполнува одредени барања во однос на неговиот квалитет и состав и покрај тоа што нашите законски регулативи во овој дел оставаат простор за манипулирање, тогаш најверојатно прстот треба да го впериме во домашните фалсификатори. Тие се обврска на надлежните власти, а ние како пчелари можеме само да ги поттикнуваме истите да прават почести контроли на пазарите и полиците. Но, необединетоста на пчеларите пред надлежните институции остава впечаток на рамнодушност кон ова прашање, што им овозможува на фалсификаторите отворен пат до потрошувачите“, вели Алексовски.

Тој предупредува дека исто толку штетно за здравјето на потрошувачите, колку што е консумирањето фалсификуван мед, е и користењето мед од пчеларници во кои при различни пчеларски техники се користат разни синтетички средства.

„Во вакви случаи, во кошниците може да има остатоци (резидуи) од синтетичките средства кои потоа ги контаминираат пчелните производи. Овие синтетички остатоци можат да го загрозат здравјето на консументите, па поради тоа во светот, а се почесто и кај нас, расте трендот на исфрлање на овие препарати од пчеларството и на користење алтернативни биотехнички методи и техники. Ние, како пчелари, имаме обврска кон потрошувачите, постојано да им укажуваме на предностите од купување и користење чисти пчелни производи, пред се од локалните одгледувачи, да бидеме отворени кон нив, да ги поканиме на пчеларниците и да им ја доближиме нашата работа. Тоа е единствениот начин ние да добиеме редовни потрошувачи, а тие постојан снабдувач на здрави пчелни производи. Ова значи дека треба да се стремиме и кон вклучување на апитуризмот во нашето делување, а како добар пример ја имаме Словенија“, нагласува Алексовски.

Постои еден реален проблем со кој се соочуваме во Македонија, а тоа се паушалните информации на социјалните мрежи.

„Наш реален проблем, особено со популаризацијата на социјалните медиуми, е пласирањето, промовирањето и пропагирањето на научно непоткрепени пчеларски техники или методи, целосно спротивни на биологијата и физиологијата на македонската медоносна пчела и спротивни на нашите услови на пчеларење. Поради ризикот што го носат ваквите информации, особено е битно за почетниците во пчеларењето, но и за останатите категории пчелари, да остваруваат тесна соработка со домашните научно-истражувачки институции од областа на пчеларството и постојано да се држат блиску до науката“, истакнува Алексовски.

Годинава имавме умерена зима со повремено топли денови. Пчелите често можеа да вршат прочистителни летови со што беше намален ризикот од појава на одредени болести во пчелните семејства. Немаше ризик од недостиг на храна во близина на пчелното гнездо, а загубите на пчелните семејства во текот на зимата, според истражување спроведено од Лабораторијата за биологија и селекција на медоносни пчели при ФЗНХ, не ги преминуваат критичните вредности. Во топлите зимски денови пчеларите добија прилика набрзина да ѕирнат во кошниците со симптоматични и нетипични појави и по потреба соодветно да интервенираат.

„За приносите е невозможно да се зборува однапред, но, препораката е пчеларите да се држат до техниките на пчеларење, базирани на добрата пчеларска пракса и на претходно зацртаниот план за производство во сезоната“, напоменува Алексовски.

Засега развојот на пчелните семејства оди без посериозни пречки, но она на што одгледувачите треба да обрнат внимание, е бурниот развој на пчелните семејства во наредниот период, задоволување на потребите на пчелите со храна и вода и обезбедување доволно простор во кошницата со запазување на микроклимата.

Интересот за пчеларството не се намалува, но според него, ненавремената исплата на субвенциите во пчеларството е една од причините за незадоволство кај пчеларите.

„Субвенциите не доаѓаат во време кога ни се најпотребни. Нивната висина е за посебна дискусија, бидејќи не соодветствува со поскапувањата на цените на репроматеријалите и опремата кои се користат во пчеларството, а кои се случија последниве години. Од друга страна, јавна тајна е дека овој модел на субвенционирање не води кон развој на секторот, бидејќи и покрај неговата долгогодишна примена, производството на мед и пчелни производи се нема поместено од почетната точка пред субвенционирањето на пчеларството иако од тогаш бројот на пчелните семејства во Македонија е зголемен за повеќе од 200 – 300 отсто“, објаснува Алексовски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ