Преговорите се идеја на Матијас Варниг, поранешен офицер на Штази во Источна германија, кој до 2023 година ја водел матичната компанија на Северен тек 2 за рускиот гасен гигант Газпром.
Планот на Варниг вклучува контакт со соработници на американскиот претседател Доналд Трамп преку американски бизнисмени, а сè во рамки на настојувањата да се прекине војната во Украина со продлабочување на економските врски меѓу Соединетите Американски Држави и Русија, некои истакнати луѓе од администрацијата на Трамп се свесни за иницијативата за ангажирање американски инвеститори и тоа го сметаат за настојувања да се обноват односите со Москва.
Иако имало повеќе заинтересирани, еден конзорциум американски инвеститори изработил предлог договор со Газпром по санкциите, според извор кој е директно запознаен со преговорите.
Високи функционери на Европската Унија дознале за преговорите за Северен тек 2 во последните недели. Лидери на неколку европски земји се загрижени и разговарале за тоа.
Еден од двата крака на Северен тек 2 беше кренат во воздух во диверзантскиот напад во септември 2022. Тогаш беа уништени и двата крака на сестринскиот гасовод Северен тек 1. Другиот крак на гасоводот Северен тек 2, чиј годишен капацитет од 27,5 милијарди кубни метри природен гас не е оштетен, но никогаш не е користен.
Овој план теоретски би им овозможил на САД контрола врз снабдувањето на Европа со енергија иако земјите од ЕУ ја намалија својата зависност од рускиот гас од почетокот на конфликтот. Но има значителни пречки. Би требало САД да ги укинат санкциите против Русија, Русија повторно да почне да продава гас и Германија да дозволи проток на гасот кон сите потенцијални купувачи во Европа.
„САД ќе испратат порака дека на Русија сега може да ѝ се верува бидејќи Американците станале посредници. Американските инвеститори би собирале пари за ништо“, кажал поранешен американски функционер.
Разговорите се водат во време кога администрацијата на Трамп се обидува да склучи мировен договор преку билатерални преговори со Русија, од кои се исклучени ЕУ и Украина. Европските земји, пак, стравуваат дека американскиот детант со Москва би можел да го загрози нивниот континент. Трамп вети подлабока економска соработка со Русија ако се постигне мировен договор.
Рускиот претседател Путин зборуваше за економските предности за САД во случај на договор за Украина, тврдејќи дека неколку компании се веќе во контакт околу потенцијални зделки.
Норд стрим 2 АГ, матичната компанија на гасоводот со седиште во Швајцарија, доби вонредно одложување на стечајната постапка во јануари за најмалку четири месеци. Според судскиот документ, сопственикот на Северен тек 2 Газпром тврди дека администрацијата на Трамп, како и неодамнешните парламентарни избори во Германија „можат да имаат значителни последици на околностите на Северен тек 2“. Во барањето се укажува на „сложените геополитички односи“ и режимот на санкции како оправдување за одложувањето.
Варниг за Фајненшал тајмс кажал дека не бил вклучен во какви било разговори со кои било американски политичари или бизнисмени. Дмитриј Песков, портпаролот на Кремљ, кажа дека нема информации за какви било преговори во врска со гасоводот. Газпром одбил да коментира.
69-годишниот Варниг вели дека станал близок пријател на Путин во 90-тите години откако отворил канцеларија на Дрезднер банката во Санкт Петербург, каде Путин го водеше градскиот одбор за надворешни работи. Тие двајца толку се зближиле што Путин го замолил Варниг да ги смести неговите ќерки во својата куќа во Родемарк кога нивната мајка била тешко повредена во сообраќајна несреќа.
Путин, кој течно зборува германски, ги научил децата на Варниг да скијаат во Давос и го викнал на погребот на неговиот татко, кажал поранешен службеник на Штази во 2023 за Цајт. Но, Варниг ја нарекол руската инвазија грешка и потоа поднел оставка во управите на две енергетски компании со кои управува Кремљ.
За Цајт изјавил дека лично апелирал до Путин да ја прекине инвазијата и објаснил дека рускиот претседател е толку изолиран што тој е „единствената личност која сè уште може нешто да му каже“. Варниг во 2023 ја напушти Норд стрим 2 АГ, компанијата во руска сопственост која управува со гасоводот, но за Цајт кажал дека извршниот директор на Газпром Алексеј Милер гарантирал дека ќе ги покрие неговите трошоци додека се обидува да го спаси тоа што останало.
Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден ги санкционираше Варниг и Норд стрим 2 АГ во 2022 година. Тогашните функционери покажаа мал интерес за предлогот за купување на Северен тек 2, кој минатата година го изнесе Стивен Линч, американски претприемач кој работел во Русија.
Откако Линч прв пат искажал интерес, се јавиле и многу други потенцијални инвеститори. Една личност запознаена со преговорите на Газпром кажа дека се разговарало со американски конзорциум, а не со Линч.
Трамп го критикуваше гасоводот за време на првиот претседателски мандат. Северен тек 2 стана симбол за оние кои ги обвинуваа Германија и Европа дека премногу зависат од рускиот гас и помагаат во финансирањето на воената машина на Москва. Но некои соработници на Трамп сега сметаат дека гасоводот, кој ги поврзува руски Виборг во Финскиот залив и Грифсвалд на германскиот балтички брег, за стратегиско средство кое може да се искористи во мировните преговори во Украина.
Сложената сопственичка структура на Северен тек 2 претставува сериозна пречка за секое вложување. Северен тек 2 е во стоотстотна сопственост на Газпром. Но пет европски комапнии – Шел, Унипер, ОМВ, Енџи и Винтершел – заедно обезбедија околу половина од трошоците за изградба од 11 милијарди долари. Сите пет европски компании ги отпишаа тие долгови.
Германската влада во 2022 година ја сопре постапката за лиценцирање на Северен тек 2 и никогаш не ја издала документацијата потребна за работа.
Сопственоста над гасоводот теоретски би им овозможила на американските инвеститори контрола над протокот на рускиот гас во Европа, клучниот пазар за извоз на американскиот течен природен гас кој со танкери се превезува преку Атлантикот.
Но поранешни високи американски функционери и бизнисмени со искуство на инвестирање во Русија кажале дека самото потпишување на договор на Трамп и Путин нема да биде доволно за да се придвижи Северен тек 2.
„Не можам да замислам управниот одбор на која било американска корпорација одеднаш да поддржи враќање на рускиот пазар. И Русите тоа го знаат, ги видоа тие осцилации во американската политика. Европа сè уште ги поддржува санкциите, а согласување на Германија на обнова на Северен тек би предизвикало големи расколи“, кажал поранешен висок американски функционер за Фајненшал тајмс.