Според анализата, во овој период дошло до значајно зголемување на износот за данок на имот по жител, односно тој е поголем за 66 отсто во споредба со претходниот период.
„Растот на приходите од имот може да се должи на зголемената наплата, но и на извршени репроценки на пазарните вредности на имотите во општините согласно соопштенија на одреден број општини, се наведува во анализата.
Така во периодот 2021-2023, Општина Центар се издвојува според најголем приход од данок на имот, со 5.166 денари по глава на жител. По неа, следуваат Охрид и Дојран со 4.778 и 4.447 денари по глава на жител.
„Ова укажува на генерално ист сооднос помеѓу сопствените приходи и трансферите од други нивоа на власт во периодот 2017-2023 и оттука следува дека растот на трансферите од централна власт го следи растот на сопствените приходи. Промените во зависноста од централниот буџет веројатно се должат на прераспределба на буџетски средства од централна власт согласно промените во населението од последниот Попис во 2021 година“, пишува во анализата на инстиутот.
Од Фајнанс тинк посочуваат дека целта на анализата е да ги анализира буџетските позиции на единиците на локалната самоуправа во периодот од 2021-2023 година, наспроти 2017-2020, со фокус врз нивната финансиска самоодржливост и ефикасност.
„Во периодот на анализа, забележано е подобрување во реализацијата на приходите и расходите, при што просечната стапка на реализација на приходите е зголемена за 13 процентни поени, а на расходите за 10 процентни поени. Особено значајна е подобрената реализација на консолидираните сопствени приходи, во просек од 61 отсто на 78 отсто. Сепак, има простор за подобрена наплата на даноците на имот, со оглед на половичната евиденција и индивидуалниот пристап што го имаат општините во овој процес“, се вели во заклучоците од анализата.
Исто така, се додава дека при намалено учество на капиталните расходи во вкупните расходи на ЕЛС, се нотира подобрено планирање и реализација на оваа буџетска категорија.
Стапката на зависност од централната власт останува на исто ниво, со медијана од 73 отсто, што укажува дека сè вкупно, растот на трансферите од други нивоа на власт го следи растот на сопствените приходи.
Меѓу препораките во анализата се посочува воведување на унифициран механизам за евиденција и наплата на даноците на имот, вклучувајќи присилна наплата и електронски систем за наплата, со што ќе се олесни процесот и ќе се намалат разликите во евиденција и наплата помеѓу општините. Потоа, со оглед на ниското учество на консолидираните капитални расходи од 17 отсто во вкупните приходи, неопходно е да се даде поголем приоритет на зголемување на буџетските средства за капитални инвестиции, со цел поттикнување на локалниот економски раст и развој. Еден од заклучоците е и препораката во завршните сметки на ЕЛС да се наведат потставките на категоријата „други градежни активности“ што ќе овозможи поголема транспарентност и подобар увид во видот на капиталните инвестиции кон кои се насочуваат средствата, како што се инвестиции за изградба на патишта, мостови, системи за водоснабдување, енергетска инфраструктура и слично. понатаму, непродуктивните трошоци, како што се купување на возила и мебел, да се намалат или целосно отстранат од категоријата капитални расходи.
„Достапноста на агрегирани податоци за буџетите на сите ЕЛС во обработлив формат на веб страницата на Министерството за финансии е за поздравување. Сепак, има простор за подобрување на организацијата и прегледноста на податоците со цел да се олесни нивната употреба за анализи од ваков тип“, се вели во анализата на Фајнанс тинк.