Во објава на Икс, полскиот премиер и поранешен претседател на Европскиот совет Доналд Туск му се обрати на Зеленски и му рече „драги украински пријатели, вие не сте сами“.
Запрашан за караницата додека престојува во Португалија, францускиот претседател Емануел Макрон за француските медиуми изјави дека Русија е агресорот, а украинскиот народ е тој што е нападнат.
Тој додаде дека европските земји и другите сојузници биле во право што ѝ помогнале на Украина пред три години и ја санкционирале Русија и продолжиле да го прават тоа.
Макрон рече дека е важно да се почитуваат оние што од самиот почеток се борат за своето достоинство, права и безбедност на Европа.
„Трамп и Венс приредија срамно шоу. Се срамам од тоа однесување. САД заслужуваат нешто подобро“, напиша поранешниот висок претставник на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел. „Слободниот свет мора да ја поддржи Украина. Бев и сѐ уште сум со Зеленски.“
„Украино, Шпанија е со тебе“, напиша шпанскиот премиер Педро Санчез.
Адам Шиф, американски демократски сенатор од Калифорнија, напиша: „Во Овалната соба денеска се сретнаа херој и кукавица. А кога средбата заврши, херојот се врати дома во Украина.“
Канадската министерка за надворешни работи Мелани Џоли напиша „Ние сме во безбедносна криза“.