сабота, 27 јули 2024

Европскиот сојуз за промени ќе поднесе кривична пријава против Георгиевска ако не го деблокира изборот на член на ДИК

Опозицискиот блок на партиите на Албанците денеска оствари средба со новиот претседател на Собранието, Јован Митрески и побара да се деблокира процесот за избор на член на Државната изборна комисија (ДИК).

Објавено на

часот

Сподели

По средбата, Фадил Зендели од Европскиот сојуз за промени во изјава за медиумите рече дека процесот е заглавен кај претседателката на Комисијата за прашања на избори и именувања, Марија Георгиевска и доколку таа во наредните денови не ја деблокира работата, најави кривична пријава против неа.

„Целта на нашата средба беше изборот на членот на ДИК, работа која се одолговлекува со месеци во Собранието, целиот процес е блокиран од членот на СДСМ, Марија Георгиевска, која е претседателка на Комисијата за прашања на избори и именувања. Разгледуваме нови алтернативи во нашето политичко делување. Во контакт сме со адвокатска канцеларија во Скопје за да покренеме кривична пријава против Георгиевска, доколку таа во следните денови не ја деблокира работата на Комисијата и не дозволува кандидатот на албанската опозиција Абдуш Демири да помине“, рече Зендели.

Посочи дека целата постапка се искомплицирала од претходниот претседател на Собранието Талат Џафери, кој како што рече, дал можност на една новоформирана партија која нема законски надлежности да преземе член на ДИК.

„Имајќи предвид дека партијата која што предложи кандидат го поддржува мнозинството и е дел од извршната власт, јасно е дека таа партија е партија на мнозинството, значи не може да има член на изборна комисија имајќи предвид дека Изборниот законик јасно кажува дека тоа место и припаѓа на опозицијата, во конкретниов случај на албанската опозиција“, посочи Зендели.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ