сабота, 21 декември 2024

Европскиот парламент усвои резолуција со која опозицискиот кандидат се признава за претседател на Венецуела

Европската Унија треба да направи сè што е во нејзина моќ за Едмундо Гонзалес Урутија, „легитимниот и демократски избран претседател на Венецуела“, да може да ја преземе функцијата на 10 јануари 2025 година, се наведува во резолуција на Европскиот парламент.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во документот усвоен денес со 309 гласа за, 201 против и 12 воздржани, ЕП „силно ја осудува и целосно ја отфрла изборната измама која ја организирал Националниот изборен совет под контрола на режимот на Николас Мадуро, а кој одби да го објави официјалниот резултат“.

„Пратениците на ЕП го признаваат Едмундо Гонзалес Урутија за демократски избран претседател на земјата, а Марија Корина Мачадо за лидер на демократските сили во Венецуела. Тие исто така остро го осудуваат издавањето налог за апсење на Гонзалес од страна на владата на Венецуела“, се наведува во текстот на резолуцијата, објавена на сајтот на Европскиот парламент.

Се напоменува дека и покрај повторените повици на меѓународната заедница, венецуелскиот режим не го почитувал договорот од Барбадос од 2023 меѓу владата на Мадуро и опозицијата во врска со претседателските избори, што, како што се оценува, оневозможува слободни и фер избори.

Парламентот на ЕУ повика владите на Бразил, Колумбија и Мексико и меѓународната заедница да извршат „максимален притисок на режимот на Мадуро и неговиот најтесен круг да ја прифати демократската волја на венецуелскиот народ, признавајќи го Едмундо Гонзалес Урутија како легитимен и демократски избран претседател“.

„Доколку тоа не се случи, ќе следи повторен миграциски егзодус во другите земји од регионот, сличен на оној кој во последните години натера близу осум милиони Венецуелци да ја напуштат земјата“, сметаат пратениците на Европскиот парламент.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ