„Ние пратениците, но и јавноста бевме сведоци на еден непотребен театар во Собранието во режија на претседателот, господинот Гаши, бидејќи имаше тенденција да ѝ се оневозможи на госпоѓата Илире Даути да ја образложи својата оставка од функцијата претседател на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, чија оставка е поднесена денеска во писмена форма во раните утрински часови во Собранието на Македонија. Деловникот е јасен. Во моментот кога се отвара седница, претседателот на Собранието е должен поднесената писмена оставка да ја стави како прва точка на дневен ред, за да му се даде можност на поднесителот на оставката да ја образложи“, оцени Азири.
Пратеникот на Левица, Сашко Јанчев во изјава за медиумите оцени дека нивната поднесена интерпелација за досегашната претседателка на собраниската комисија за социјална политика, демографија и млади, Илире Даути е успешна. Посочи дека ова е прва успешна интерпелација во историјата на Собранието.
Тој потенцираше дека како пратеничка група на Левица, иако имаат дијаметрално спротивни гледишта и ставови по многу работи со Даути, го поздравуваат нејзиниот потег и ѝ честитаа затоа што, како што рече, „со ова таа покажала интегритет“.
„Самата интерпелација значеше дека се обезбедени гласови за нејзино разрешување од страна на пленумот, но ние намерно не покренавме веднаш постапка преку Комисијата за избори и именување за нејзино разрешување, туку витешки оставивме неколку дена сама да се повлече и да си даде оставка, што на крај се случи. Ова е прва ваква успешна интерпелација од ваков тип во историјата на Собранието на Република Македонија. Левица и понатаму останува на браникот на државните интереси, уставноста и законитоста“, рече тој.
Одговарајќи на новинарско прашање што доколку „Европскиот фронт“ повторно ја предложи Илире Даути за претседател на Комисијата, Јанчев нагласи дека не гледа логика после давање оставка повторно таа да бара да биде на таа позиција.
„Не знам која е логиката после давање оставка, некој пак да бара да биде на таа позиција. Пленумот е тој што на крај решава дали некој ќе биде разрешен или не. Ако сака Илире да ја водиме оваа процедура целосно повторно и пак изгласување на недоверба, тогаш ок. Тоа е нејзино. Јас мислам дека таа денес покажа интегритет и дека на такво нешто нема да се нафати. Доколку продолжи по овие основи да го крши деловникот, сигурно дека ќе поднесеме интерпелација“, посочи Јанчев.
Потенцира дека уште чекаат да им биде доставен заклучокот од Гаши за изгласаната интепелација за Даути.
„Ние уште го чекаме заклучокот од интерпелацијата од претседателот на Собранието, кој уште ни го нема доставено. И ќе потсетам дека откочувањето на таа комисија е во негови раце, затоа што тој има деловничко право да свика седница по овој закон и да назначи некој само по таа точка што ќе ја истера комисијата до крај, ќе ја откочи процедурата за законот за бранителите“, нагласи пратеникот на Левица.