Швајцарскиот канал СРФ претходно јави дека Бугарија, тајно, преку трети земји, му помагала на Киев со испраќање оружје и муниција, „за да не ги расипе односите со Русија, што повеќето бугарски политичари не го сакаат“.
Бугарските функционери наведоа денес дека од крајот на 2022 година учествувале во разговори за договори врз основа на кои дел од постоечката воена опрема би се заменил со соодветна од сојузничките држави. Меѓутоа, ги негираа извештаите за испраќање борбени авиони.
Германските медиуми ја нарекоа Бугарија „земјата која тајно ја спаси Украина“. Тоа тврдење е веројатно претерано, но Софија навистина може многу да направи за Киев, наведува швајцарскиот телевизиски канал и истакнува дека „Бугарија има силна индустрија и произведува оружје по советски стандарди, а токму тоа ѝ треба на Украина“.
Бугарија во моментов има привремена влада, а Никола Стојанов, како привремен министер за економија, е задолжен и за индустријата за вооружување.
Тој наведе дека Бугарија на Киев веќе му дала „сè што можела“ и дека не знае нешто за договори за набавка на оружје.
Вели дека Бугарија не произведувала оружје за Украина и дека на Киев му е дадена само опрема која не ѝ потребна на државата.
„Она што нашата индустрија за оружје го произведува не оди во Украина, туку во околу 50 други земји. Целиот свет сега трупа оружје, поради што бугарските фабрики за оружје толку добро работат“, кажа тој.
СРФ наведува дека Бугарија за многу нешта се врти кон Западот, „во областа на струјата и гасот оваа зима стана независна од Русија, следува нафтениот сектор“.
„Освен тоа, земјата сака да произведува западно оружје и муниција со помош на Европа и да ги преправа по НАТО стандардите. ЕУ веројатно ќе помогне со големи инвестиции. Бугарија веројатно ќе продолжи да ѝ испраќа оружје на Украина преку други земји, дури и ако владата тоа не го потврди“, пишува СРФ.