четврток, 20 јуни 2024
Ѓорѓи Хаџи Василев

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Европа пред избор на најдесничарскиот парламент досега

Социо-економската криза и светската геополитичка нестабилност ги разбудија егзистенцијалните и безбедносните прашања и дилеми кај електоратот - прашања на кои радикалната левица, либералите и умерената десница не можат да одговорат, додека радикалната десница наметнувајќи се како „спасител на Европа“ вешто го користи моментумот за придобивање и мобилизирање на европскиот граѓанин.

унските парламентарни избори во Европската Унија се само додадена вредност на епитетот што на 2024 година ѝ се наметна – „рекордна избирачка година“. Изборите годинава се одржуваат во еден од најспецифичните и најкризните периоди од постоењето на самата Унија. Имено, ова се првите избори откако една од најклучните економски и воени алки, Велика Британија, веќе не е дел од Унијата; први избори по една од најголемите светски економски кризи и избори во услови кога Европската Унија се соочува со огромни внатрешни и надворешни безбедносни прашања – справувањето со мигрантската криза и војната во Украина.

Неуспехот во справувањето со мигрантската криза веќе подолго од деценија ги става на тест внатрешната безбедност на Унијата, но и толеранцијата на домашното население во однос на сѐ помасовните напливи на илегални миграции кои во голема мера покажуваат целосно отсуство на желба за асимилација или адаптација во новото општество.

Дополнително, социо-економската криза предизвикана од Ковид-19 пандемијата, војната во Украина, геополитичката нестабилност на светската сцена, но и состојбата со европските земјоделци, ги разбудија егзистенцијалните и безбедносните прашања кај електоратот – прашања на кои радикалната левица, либералите и умерената десница не можат да одговорат, додека радикалната десница наметнувајќи се како „спасител на Европа“ вешто го користи моментумот за придобивање и мобилизирање на европскиот граѓанин.

Десницата во националните парламенти

Зголемената популарност на десницата воопшто не е нова појава. Парламентарните избори во последните година дена во неколку европски држави ја покажаа популарноста и привлечноста на десно-ориентираните партии меѓу електоратот кои остварија убедливи победи во речиси сите пратенички трки, во некои случаи зголемувајќи го бројот на мандати за два до три пати.  Од друга страна, изборите ја илустрираа и непопуларноста на левицата, но и нејзиното настојување по секоја цена да ја задржи политичката моќ.

На парламентарните избори во Шпанија, иако конзервативците издвојуваа убедлива победа со нови 48 мандати, сепак, мандатот за формирање на новата влада го доби актуелниот премиер, Педро Санчес, откако склучи коалициски договор со каталонските политички партии за сметка на што се обврза на целосна амнестија на стотици каталонски граѓани и полицајци, обвинети за про-сепаратистички процеси во Каталонија во периодот 2012-2023 година, потег што беше широко критикуван од пошироката јавност.

Во истиот период во Грција, Нова демократија со повеќе од двојна разлика ја порази левицата на Ципрас, Сириза. На овие избори се појави и нова радикална десничарска партија, Спартанци, која освои дури 12 пратенички мандати. Наспроти европските избори, грчките анкети прогнозираат тројна предност на Нова демократија пред сите останати левичарски партии.

Електоратот во Холандија, пак, која се смета за една од најлибералните држави во светот денес, довербата ја даде во рацете на радикалната десница – Партија за слобода, која на општо изненадување склучи коалиционен договор со либералите и направи, условно кажано, преседан за либерално-десничарска пост-изборна соработка во Европскиот парламент.

Бугарија, како една од најконзервативните држави во ЕУ е во неколкугодишна политичка криза од која најголем победник излезе радикалната десница олицетворена во партијата Преродба на Костадин Костадинов, која освојувајќи сѐ повеќе гласови во секој изборен круг, прерасна во трета најмоќна политичка сила со предвидување за уште поголем пораст на популарноста на европските избори.

Во Полска пак, иако Обединетата десница предводена од владејачката Закон и правда победи и на парламентарните, а подоцна и на локалните избори годинава, можноста да ја состави новата влада ја доби умерената десница откако Доналд Туск направи широка коалиција со речиси сите останати учесници на изборите, а чија кохезија и функционалност е под голем знак прашалник поради идеолошкиот колорит.

Интересни да се проследат беа и изборите во Португалија каде победи умерената десница, Социјалистичката партија  изгуби дури 42 пратенички места, а релативно новата радикална десница Доста обезбеди 48 мандати (38 нови) која приближувајќи се на помалку од 20 места до двете мејнстрим партии, го разниша de facto двопартискиот систем во државата кој постоеше со децении.

Сумирано, пет од дваесет и седумте држави-членки имаат радикална десница во своите влади, а набрзо кон нив се придружува и Холандија. Во Франција, во моментов, најмоќен политички фактор на сите анкети е Националниот собир на Ле Пен, додека Алтернатива за Германија е на раб да се наметне како втор клучен фактор во Германија пред социјалистите на Олаф Шолц. Покрај овие, и на изборите во државите како Хрватска, Бугарија и Португалија радикалната десница забележува рекорден пораст што само го најавува нивниот нов успех на европските парламентарни избори.

Колку десно ќе скршнува Европа?

Од првиот парламентарен состав во 1979 година, па се до денес, Европската народна партија и Прогресивниот сојуз на социјалистите и демократите негуваа големо меѓусебно разбирање и соработка, често поддржувајќи се меѓусебно, па дури и дејствувајќи како de facto коалициски партнери во работата на парламентот. Оваа година, според проекциите на сите релевантни анализи, за прв пат постои можност за широка десничарска влада што на партиите со конзервативен предзнак би им пружило поголем комфор за самостојно да одлучуваат по круцијални прашања поврзани со миграциските политики, справувањето со наворешната опасност и војната во Украина, регулаторните политики, зајакнување на националниот суверенитет на државите членки, итн.

Проекциите на реномираните Еурактив и Јуроп Електс очекуваат минимални промени кај радикалната левица, социјалистите и народната партија, двоцифрени мандатни загуби кај зелените  и пораст на реформаторската и радикалната десница. Анализите предвидуваат и поддршка на десницата од рекордниот број на „независни“ пратеници во чиј состав всушност влегуваат и мандатите на Алтернатива на Германија, која на неколку дена пред изборите беше исфрлена од својата парламентарна група и орбановата Фидез која од 2021 година настапува независно, но не ја крие поддршката кон своите истомисленици од десниот блок.

Според анализата што ИПСОС ја објавиво март годинава за потребите на Еуроњуз, во Франција, Холандија и Австрија апсолутен победник се очекува да биде Идентитет и демократија. Во Италија се очекува убедлива победа на Европските конзервативци и реформатори преку владејачката Браќа на Италија. Европската народна партија ќе очекува победа во 13 држави, меѓу кои се и сите балкански членки на ЕУ. Анкетите предвидуваат победа на Социјалистите и демократите во скандинавските држави, Литванија, Португалија и Малта, а радикалната Левица само во Република Ирска.

Понатаму, во анализата се предвидуваат шест потенцијални групирања во идниот парламент, две мнозински и четири малцински коалиции. Една од највозможните е всушност централно-десничарската коалиција, составена од либералната Обнови ја Европа, Европската народна партија и Европските конзервативци и реформатори, која би располагала со 46,9% од мандатите.

Помалку веројатна, но не и невозможна, е широката десничарска коалиција, составена од трите парламентарни групи со конзервативен предзнак, здружувајќи 46,4% од мандатите, а која со мала поддршка од дел од пратениците од Идентитет и демократија и независните европратеници би го постигнала потребното мнозинство во Европскиот парламент.

Кој со кого?

Сума сумарум, фон дер Лајен не ја исклучува можноста за коалиција со Европските конзервативци и реформатори, отфрлајќи ги шпекулациите за потенцијална соработка со Идентитет и демократија кои пак се категорични дека не би ја поддржале претседателката за втор мандат.

Од друга страна, преседанот што се направи со коалицијата меѓу либералите и радикалната десница во Холандија, проследена со изјавата на Претседателот на Европскиот совет, Чарлс Мишел дека е возможна соработка со некои крајно-десничарски партии, ни дава слобода за шпекулирање дека во новиот парламентарен состав е возможна централно-десничарска коалиција.

Порастот на Европските конзервативци и реформатори и Идентитет и демократија на Европската народна партија и дава прилично поволна позиција за прв пат да не соработува со Прогресивниот сојуз на социјалистите и демократите, но само доколку создаде коалиција со пратениците од Обнови ја Европа, Европските конзервативци и реформатори, и добие поддршка од пратениците на Фидез и Алтернатива за Германија од „независниот“ блок.

Секако не смееме да ја исклучиме и можноста европската десница да освои многу повеќе од проектираните гласови и во крајна линија да ги надмине меѓусебните недоразбирања. И, за прв пат во историјата да имаме хомогена десничарска мнозинска коалиција, по што, со сигурност би можеле да очекуваме длабоки реформи, а во најлош случај и знак прашалник врз иднината на Унијата.

Ѓорѓи Хаџи Василев

(Преземено од Республика)

КОЛУМНИ

Мурат Алиу

Kaко светот гледа на решението „две држави“ за Палестина и Израел

Кит Кларенберг

Чарлс Гарет и пучот во Македонија

Ристо Цицонков

Клима уреди во училницата?

Мирко Стојановски

И по ЕУ, ЕУ!

Димитар Љоровски Вамваковски

„Победници“, „Губитници“ и компромисни решенија: Што предвидува Договорот од Преспа?!?

Рајко Пеколски

Плитка држава

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ