сабота, 27 јули 2024

Еуримаж повторно со финансиска поддршка на македонската кинематографија

Објавено на

часот

Сподели

„Оваа година македонската кинематографија финансиски е поддржана и на последната 170-та сесија. Третиот македонски проект кој годинава доби средства е ‘Скејтбордингот не е за девојчиња’ во режија на Дина Дума. Ова е копродукција меѓу македонскиот продуцент ‘Сестри и брат Митевски’, ‘Ентре Чиен Луп Сцрл’ од Белгија и ‘Вертиго/Терминал 3’ од Словенија“, изјави Тања Ќурчинска Пепељугоска, нашиот национален претставник во Еуримаж. Таа додаде и дека бројот на пријавени копродукциски проекти во секоја сесија сѐ повеќе се зголемува, па така и оваа сесија повторно ќе се памети со 111 пријавени проекти од кои 99 беа оценувани.

„Во ваква конкуренција проектот ‘Скејтбординг не е за девојчиња’ беше оценет одлично и рангиран е на високо 3-то место на ранг листата во својата група. Коментарите за проектот беа позитивни и оптимистички: ‘…млада и талентирана режисерка која треба да се поддржи; сценариото е интересно, внесува модерни елементи во една конзервативна заедница на Ромите на Балканот; сериозен продуцентски тим…’“, рече Ќурчинска Пепељугоска и додаде дека во ноемвриската сесија од вкупно оценувани 99 проекти, само 29 добија финансиска поддршка од Еуримаж и до толку е позначајно што меѓу нив повторно е еден македонски проект.

Македонија е членка на Еуримаж од 2003 година и ова е  јубилејна 20 годишнина од членството во овој пан-европски фонд. Јубилејната година ја завршуваме со вкупно 775.000 евра доделени на „ДиЏеј Ахмет“ на  Георги Унковски на 168-та сесија, „Човек против јато“ на Тамара Котевска на 169-та сесија и „Скејтбордингот не е за девојчиња“ на Дина Дума на 170-та сесија.

„Очекувам дека за 2-2,5 години ќе имаме можност да ги видиме овие филмови на големото платно особено поради фактот што странските копродуцентски партнери се обезбедени, а со тоа и финансирањето од нивните националните фондови. Се надевам дека и нашата Агенција за филм ќе стори напор да не се повтори оваа година во која првите 10 месеци немавме ниту еден снимачки ден и дека нашата продукција ќе биде многу поинтензивна следната година“, додаде Пепељугоска.

Европскиот фонд за копродукција и дистрибуција на креативни кинематографски и аудиовизуелни дела – Еуримаж од своето основање во 1989 година до денес поддржал 2.438 копродукциски проекти со вкупен буџет од околу 710 милиони евра.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ